Македонија

Македонија ќе се пошуми со над 5 милиони дрвца

Македонија ќе се пошуми со над 5 милиони дрвца

Над 5 милиони дрвца ќе бидат засадени на површина од 1.107 хектари низ територијата на цела Македонија во рамки на 14. акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, што денеска ќе се одржи под мотото „Стоп за катастрофите“.

Помошникот директор на сектор за одгледување, подигање, екологија лов и ловен туризам во „Македонски шуми“ Златомир Бибоски информира дека главен акцент на пошумувањето ќе биде ставен на голи и опожарени површини.

– Ќе се изврши пошумување на цела Македонија. и ќе бидат засадени 4.471.000 дрвца. „Македонски шуми“ ќе засади 7.200 повеќегодишни садници од чемпрес на автопатот од Куманово до Демир Капија, а од Смоквица до Гевгелија во средишниот простор ќе бидат засадени 7.200 олеандри, изјави за МИА Бибоски.

„Македонски шуми“ ќе отстапи 24.000 повеќе годишни садници за пошумување во урбани средини, а на урбаните општини ќе им бидат дадени 83.000 декоративни садници од пруја, јасен, јавор, бреза, чемпрес и други украсни дрва за пошумување на паркови. На четирите гранични премини со Албанија ќе бидат засадени 200 повеќегодишни декоративни дрвја.

За поголема масовност на акцијата Владата денешниот ден го прогласи за неработен, а општините организираат бесплатен превоз до локациите каде што ќе се раззеленува.

Дрвца денеска ќе садат претседателот Ѓорге Иванов, министри, членови на Владата, пратеници, припадници на АРМ, ученици,…

Симболично минатата недела акцијата ја почнаа министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески и воените аташеа акредитирани во Македонија со разеленување на опожарен појас во близина на велешкото село Папрадиште. Претставници на Министерството за надворешни работи и на дипломатскиот кор во Република Македонија, вчера засадија дрвца во населбата Ново Лисиче.

Акцијата „Ден на дрвото“ се реализира седма година. Почна во март 2008 година и досега се засадени околу 50 милиони дрвца.