Македонија лани најмногу тргувала со Германија, Грција, Англија, Србија и Италија

Најголемите трговски партнери на Македонија, во текот на изминатата година, се Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија односно 50,1 отсто од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупниот извоз во текот на изминатата година изнесува четири милијарди 266 милиони и 861 илјади долари, додека увозот е шест милијарди 599 милиони и 824 илјади долари, покажуваат податоците.

Во овој период, покриеноста на увозот со извозот е 64,7 отсто, а трговскиот дефицит изнесува две милијарди 332 милиони и 963 илјади долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и моторните возила за превоз на лица.

Во периодот јануари-декември 2013 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на
ЕУ 28 со 72,6 отсто и земјите од Западен Балкан  со 17,6 отсто, а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ со 62,6 отсто и останати земји со 11,6 отсто.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.