Македонија лани заработила 14 милиони долари од извоз на билки

топ

Потенцијалот за собирање на лековити билки и шумски плодови се уште не е доволно искористен, а според познавачите на состојбите една од главните причини се ниските откупни цени, но и високите давачки кои се наметнати од страна на јавното претпријатие Македонски шуми.

„Некои од давачките кон Македонски шуми се дуплираат, некои се триплираат и сето тоа дејствува дестимулирачки како за фирмите кои прават откуп и ги плаќаат давачките, но и за собирачите. Кај нас лековити билки, шумски плодови, печурки собираат социјално загрозени семејства кои се и непостојани во оваа работа, и потребно е да се издигне на едно повисоко ниво,“ вели Васко Ристовски од Здружение на земјоделство и прехрамбена индустрија при Стопанската комора.

Во 2012 година извезени се околу 1.600 тони шумски печурки (свежи, сушени и конзервирани) во вредност од 12.5 милиони долари и 1.255 тони лековити билки во вредност од 2,6 милиони долари. Вкупно, од извозот на шумски печурки и лековити билки во 2012 година, реализиран е нето девизен прилив од над 14 милиони долари, што е 14 отсто повеќе од претходната година. Можностите за извоз се далеку поголеми од реализираните. Според оценката на собирачите и извозниците на шумски плодови, сигурно извозот би надминал просечно околу 20 милиони долари.

„Нашите соседни земји се многу понапред од нас и имаат многу поголем извоз. Ние имаме птенцијал, но затоа е потребно целата проблематика да се дигне на едно повисоко ниво. Но, давачките на фирмите кои се занимаваат со откуп, се своевиден хендикеп за да може бенефитот од собирањето на овие лековити билки и плодови да биде уште поголем“, потенцира Ристовски.

Со собирање на шумски плодови печурки (во кои доминираат лисичарата и вргањот) и лековити билки (маховина, смрека, кантарион и други лековити билки) се занимаваат околу 50 илјади семејства во Македонија. Од овие приходи главно дополнителни средства за егзистенција обезбедуваат околу 200 илјади и тоа од ридско-планинските и неразвиените подрачја. Со оваа дејност претежно се занимаваат невработени лица, лица кои немааат други средства или имаат недоволно средства за егзистенција, социјални случаи и сиромашни граѓани.

Друг проблем е што собирачите на лековитите растенија не се доволно едуцирани како тоа да го прават, па постои и опасност од исчезнување на кантарионот, копривата, мајчината душица. Експертите порачуваат едукација на населението, за да не дојде до исчезнување на овие видови на лековити билки кои по македонските планини и шуми ги имаше во изобилие.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.