Македонија лидер во регионот по условите за водење на бизнис

Македонија е лидер во регионот, но и пошироко, во Европа и светот по условите што ги нуди за водење на бизнис.

Извештајот „Дуинг бизнис 2016“ ја рангира земјава на шестото место во Европа за водење бизнис, во конкуренција на земји каде економиите се најразвиени и каде земјите посветуваат особено внимание за подобрување на бизнис климата.

Од европските земји пред нас се само скандинавските земји: Данска , Шведска, Норвешка и Финска, како и Велика Британија што потврдува дека Македонија не само што е лидер помеѓу земјите од регионот на Југоисточна Европа, туку е и меѓу лидерите во Европа и светот. Македонија на листата Дуинг бизнис годинава се најде пред многу етаблирани економии и развиени земји како Германија, Австралија, Канада, Австрија, Франција, Холандија, Јапонија и други. Македонија е рангирана пред 24 земји членки на ЕУ. Македонија е далеку пред останатите земји од регионот, како Словенија која е на 29 место, Романија која е 37, Бугарија 38, Хрватска 40, Црна Гора 46, Турција 55, Србија 59, Грција 60, Косово 66, Босна и Херцеговина 79 и Албанија 97. Иако овој резултат можеби за многумина е изненадување, ние како Влада веруваме во реформите кои ги спроведуваме во Македонија, кај кои ги применуваме  светски најдобрите практики, кои ги анализираме и прилагодуваме на наши услови, рече Груевски.

Извештајот „Дуинг бизнис“ го изработува најголемата и најреномираната глобална институција која работи на унапредување и развој на приватниот сектор ширум светот – Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) која е независна членка во рамки на групацијата на Светска банка.

Според овој извештај, годинава Македонија се најде на 12-тото место во конкуренција со 189 држави. Инаку земјава во рамките на овој извештај бележи скок од 82 места. Во 2006-тата земјата беше рангирана на 94-тото место.