Македонија – магнет за инвеститори од автомобилската индустрија

Македонија полека, но сигурно, се позиционира како дестинација поволна за мултинационалните компании од автомобилскиот сектор. Компании- сериозни играчи на глобалниот пазар на автомобилската индустрија, добавувачи на делови за светски познатите автомобилски брендови, најавуваат инвестиции во Македонија, пишува Лидер.

Повеќето нови инвеститори кои ги најави Владата доаѓаат токму од автомобилскиот сектор, една од најдинамичните индустрии во светот во моментот, а дополнително, повеќето компании кои одлучиле, но сеуште не ја објавиле својата одлука за инвестирање во земјава, доаѓаат од овој сектор.

Новите инвеститори, според најавите на надлежните треба да отворат над 13 илјади работни места. Странските инвестиции се диверзифицираат, а со тоа ја раздвижуваат и локалната економија.

– Самите компании кога ќе дојде време ќе објават. Претежно се работи за компании  во автомобилската индустрија, добавувачи кои ќе инвестираат во разни делови на Република Македонија. Од тие шест инвестиции само една е во Скопје, во ТИРЗ-1. Останатите се во други делови од земјата. Тоа ќе донесе диверзификација во економијата. Меѓу нив, две компании се надвор од автомобилскиот сектор – изјави министерот за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески.

Многу од овие инвеститори одлучуваат да дојдат во Македонија, не само поради добрата бизнис- клима, туку и поради добро образованиот работен кадар кој Македонија го поседува. Секој инвеститор прави споредба со други земји, но Република Македонија со целиот пакет што го нуди завршува како најповолна дестинација за инвеститорите.

Каде сѐ инвестираат компаниите од автомобилскиот сектор?

Меѓу последно најавените, американска инвестиција од автомобилската индустрија наскоро треба да инвестира 15 милиони евра во Тетово, со што ќе отвори 2.500 работни места.

Американската компанија Гентерм почна да ја реализира инвестицијата прилепската технолошко развојна зона, а според плановите, до октомври ќе почне со работа и ќе вработи вкупно 2.000 лица. Компанијата има 8.600 вработени и подружници во Мексико, Кина и Украина. Во Прилеп ќе има нова производствена линија, а главни клиенти се Тојота, Фолксваген и БМВ. Гентерм е пазарен лидер во производството на термални системи за автомобили и други уреди.

Германската „Акомппласт“ исто така во Прилеп, ќе произведува пластично моделирани делови за автомобили. На почетокот тоа ќе биде браунфилд инвестиција со закупување на некој од постојните погони во градот. На старт ќе се вработат околу 250 лица, а инвестицијата ќе биде тешка неколку милиони евра. Веќе е отворена и фирма во Македонија која се вика „Инџекшн Молдинг Прилеп“.Со производство планираат да започнат за околу една година.

Во блиското соседство, пак, во битолската зона Жабени, веќе успешно работи, со над 2.000 вработени, германската компанија Кромберг и Шуберт, во која моментно се произведуваат кабли за автомобилската индустрија за возилата Мини Морис, Мерцедес, БМВ и Ауди.

Американската компанија КСС во Кичево ќе инвестира 20 милиони евра, која ќе донесе од 800 до 1.000 работни места, а Кичево ќе го претвори во град – производител на воздушни перничиња. Компанијата веќе го регрутира својот кадар.

Новите инвеститори градат, останатите работат успешно

Интересно е што добавувачи на оваа компанија се „ОДВ Електрик“ и „Капкон“ кои исто така се решија да инвестираат во Македонија. Првата ќе инвестира во ТИРЗ Струга и веќе вработува луѓе, а со втората е потпишан договорот за инвестицијата во Бунарџик вредна 18 милиони долари, со што ќе се отворат 400 работни места. Компанијата ќе произведува инфлатори за воздушни перничиња за клиентите во Европа. Нивните долгорочни планови се во Македонија да отворат технички центар преку кој ќе ги опслужуваат клиентите и ќе им овозможат техничка поддршка.

Меѓу новите најавени инвестиции е и онаа на Монтанте во Скопје, која ќе произведува амортизери и ќе вработи 400 луѓе.

Германската компанија Маркарт, пак, во Велес ја финишира изградбата на фабриката, а кон средината на годинава стартува со работа. Веќе се селектирани дел од работниците. Во велешката фабрика ќе се произведуваат автомобилски делови за гигантите БМВ, Мерцедес, Порше, Ауди, Фолксваген, како и на апарати за домаќинството.

Германската компанија Дрекселмајер, веќе успешно работи во Кавадарци и континуирано го зголемува бројот на работници. Компанијата произведува модерни електрични системи, ексклузивен ентериер и централни електрични и електронски компоненти, за премиум сегментот во автомобилската индустрија.

Производите на некои од првите странски инвеститори во слободните зони во земјава, како Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Технохозе, Кемет, исто така се применуваат во автомобилската индустрија.

Домашниот бизнис напредува поврзувајќи се со странските инвеститори

За експертите, позитивно е тоа што компаниите од оваа индустрија се поврзуваат со домашните компании, кои пак стануваат нивни добавувачи, а со тоа дополнително можат да конкурираат и на други пазари, влијаат врз развојот на домашната економија, отвораат нови работни места и го поттикнуваат извозот.

Таков позитивен пример е оној на домашната компанија Актива, која во штипската индустриска зона отвори фабрика. Компанијата соработува со белгискиот инвеститор, произведувач на автобуси Ван Хол. Инвестицијата тежи 4,5 милиони евра, а ќе отвораат 300 работни места.

Ван Хол, инаку успешно работи и континуирано вработува нови работници. Веќе ја прошири инвестицијата, а со фабриката во Македонија, компанијата стана најголем извозник на автобуси во САД.

Актива, пак, ќе произведува делови за автомобилската индустрија и ќе работи за најдобрите компании во светот, а тоа ќе ја зголеми конкурентноста на она што е произведено во Македонија.