Македонија меѓу земјите со највисок процент на здравствени осигуреници

Дури 90% од вкупниот број на граѓани во Република Македонија се опфатени во системот на задолжителното здравствено осигурување и секој граѓанин има право да биде вклучен во системот, што ја вбројува Македонија во земјите со највисок процент на здравствени осигуреници. Ова го истакна Маја Парнарџиева-Змејкова, директорка на ФЗОМ, на средбата со претставникот на УНИЦЕФ за Македонија, др. Бертранд Демулан, што беше одржана на негово барање.

Како што нагласи директорката Парнарџиева-Змејкова, ФЗОМ како институтуција постојано работи на унапредување на здравствениот систем, имплементирајќи проекти кои значат, административно олеснување, побрзи и навремени услуги кои се добиваат по електронски пат. Во насока на поефикасни услуги за осигурениците, Фондот има значаен партнер во невладиниот сектор, во прв ред, здруженијата на пациенти. Од интензивната комуникација со здруженијата, ФЗОМ ги црпи потребите за подобрување на системот, како и за подобрување на квалитетот на здравствените услуги кои осигурениците ги добиваат. Истовремено, ФЗОМ остварува секојдневна комуникација и со здравствените установи и фирмите, следејќи ги нивните потреби во насока на подобрување на условите за соработка со нив, што од своја страна има позитивна рефлексија врз остварување на правата на осигурениците.

Претставникот на УНИЦЕФ. др. Бертранд Демулан информираше за програмата која УНИЦЕФ ја реализира во соработка со Владата на Република Македонија, за социјален модел за инклузија на деца со посебни потреби. Нагласувајќи дека во грижата на децата со посебни потреби, ќе бидат вклучени и патронажни сестри, др. Демулан изрази надеж дека и ФЗОМ ќе може да изнајде модалитети за вклучување во реализацијата на оваа програма.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.