Македонија може да го замени увозот на пченка

Само со засадување нови 7.000 хектари пченка под систем за наводнување „капка по капка“ и современа агротехника, Македонија може да го замени годишниот увоз од 62.000 тони. Како што вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, со инвестиција од 17 милиони евра за седум години добивката според сегашните цени би изнесувала 128 милиони евра.

– Ваквата анализа ја презентираше Карл Ларкинс, координатор на Проектот на УСАИД што го спроведува корпорацијата „Карана“ кај повеќе од 120 земјоделски производители во пелагонискиот, полошкиот, вардарскиот и североисточениот регион. Двегодишното искуство покажа дека со примена на системи „капка по капка“, совети од локални експерти, протоколи за наводнување и соодветни агротехнички мерки, се добиваат 13 тони на хектар пченка наспроти 4,8 со другите системи за наводнување. Производната цена од 12,5 е намалена на 4,1 денар за килограм, појаснува министерот.