Магазин

Македонија на 68- то издание на Канскиот филмски фестивал

Македонија на 68- то издание на Канскиот филмски фестивал

Агенцијата за филм на Република Македонија по шести пат во склоп на павилионот на земјите од Југоисточна Европа (SEE Pavilion)  се претставува на Филмскиот маркет во склоп на 68-то издание на Канскиот филмски фестивал кој се одржува во период од 13-ти до 24-ти мај оваа година.

Во текот на овие денови Агенцијата ќе ја промовира македонската кинематографија со  најновата филмска продукција, Македонија како дестинација за снимање на филмови каде со правото на поврат на средства во износ од 20% треба се привлечат странските филмски продукции да снимаат филмови во Македонија, можностите за копродукција со Македонија,  промоција на филмски фестивали во Македонија и други проекти од областа на филмската дејност.

Оваа година Република Македонија ја слави и 110 годишнината од филмското творештво и опус на браќата Милтон и Јанаки Манаки. Годишнината ќе биде фокус на македонската забава која ќе се одржи на 17ти мај со почеток во 17.00 часот, на  која се очекува присуство на голем број на професионалци од областа на филмската индустрија (селектори на фестивали, директори на филмски маркети, дистрибутери, продуценти, селс агенти).

На забавата на филмските професионалци од целиот свет ќе им биде доделен промотивен материјал и вино од винаријата Тиквеш во чест на Браќата Манаки кои се подготвени од страна на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, Агенцијата за филм на Република Македонија, Кинотеката на Македонија и градот Битола.

На забавата гостите ќе уживаат во македонските вина од винариите Тиквеш и Стоби.