Македонија на 93. место, Швајцарија повторно е најсреќна земја во светот

Швајцарија е најсреќна земја на светот, а зад неа се Исланд, Данска, Норвешка и Канада, покажа меѓународната студија за среќата објавена во Њујорк.

Македонија на листата се наоѓа на 93. место, а рангирани се 158 земји.

Финска, Холандија, Шведска, Нов Зеланд и Австралија се од 6. до 9. место, САД се на 15. место, Белгија е 19., Велика Британија е 21., а Германија е на 26. место.

Србите се посреќни од Македонците, според студијата. Тие се на 87. место, зад Словенците кои се 55-ти, и Хрватите кои се на 62. место. Рангирано е и Косово, кое е на 69. место. Пред нас се и Црногорците, кои се 83., а зад нас се Албанија (95.) и Босна и Херцеговина (96.).

Целта на извештајот за среќата во светот е да се влијае на политиките на државите.

Обединетите нации (ОН) оваа студија ја објавиле првпат во 2012 година, пренесе агенцијата „АФП“.

Листата е составена на основа на животниот век на граѓаните, здравјето, бруто националниот приход по глава на жител, општествената поддршка – дали жителите може да имаат поддржка, довербата која се мери со перцепцијата на отсуство на корупцијата, слободата при одлучување во животот и на основа на проценката на великодушноста во општеството.

– На листата во 2014 година се тринаесет првопласирани земји, кои само си ги замениле местата – изјави Џефри Сакс, директор на Институтот за Земја на Универзитетот Колумбија во Њујорк, еден од авторите на извештајот.

Овие земји имаат богатство и силна општествена поддршка, релативно чесна и одговорна власт.

– Земјите во таа група не се високо рангирани поради приходите, туку поради општествената поддршка или по двата критериуми – изјаи Сакс.

Во групата на најмалку среќни земји се Авганистан, Сирија, Того, Бурунди, Бенин, Руанда, Буркина Фасо, Брегот на слонова коска, Гвинеја и Чад.

Освен парите, извештајот ги нагласува правичноста, чесноста, довербата и доброто здравје.

Ирска и Исланд се најдобри примери на земји кои успеале да останат среќни, благодарејќи на силната општествена поддршка и покрај силната финансиска криза која сериозно ги погоди.

– Една од препораките е дека мерењето на среќата би му помогнало на светот во овој период да бидат поставени нови цели на одржлив развој – изјави Сакс.

Тој го нагласи значењето на детството за остварување на среќен живот.

– Мора рано да инвестираме во живот на децата, за да станат независни кога ќе пораснат, да бидат продуктивни и среќни. На тој начин тие ќе придонесуваат и општествено и економски – изјави тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.