Македонија на чело на ЦЕИ: Западен Балкан во ЕУ и изградба на инфраструктура

Република Македонија вчера застана на чело на Централно европската иницијатива. Претседателот на Владата, Никола Груевски, во своето обраќање на завршниот состанок од австриското претседавање ги истакна приоритетите од претседавањето на земјава следната година. Инаку, стратешка цел и основа на сите активности на ЦЕИ е „регионалната соработка за европска интеграција“. Акциониот план на ЦЕИ за периодот од 2014 до 2016 та година е во согласност со повеќегодишниот план на ЕУ за финансиско работење MMF 2014 – 2020, кој ќе се имплементира заедно со Европската 2020 стратегија.

Премиерот Груевски вчера во Виена присуствуваше на завршниот состанок од австриското претседавање со Централно-европската иницијатива. Тој пред шефовите на влади кои што беа присутни на Централно-европската иницијатива ги истакна политичките и економските приоритети на македонското претседателство и го претстави нацрт календарот на активностите врз основа на кој што ќе се врши реализација на целите и приоритетите.

„Ги истакнав приоритетите на нашето претседавање во наредната година, во кое што освен зачленувањето на сите земји од Западниот Балкан во ЕУ како основен политички приоритет ги вброив и економските приоритети, а тоа се приоритети поврзани со градба на инфраструктурата, туризмот, земјоделието и културата. Притоа имав можност да ги истакнам и приоритетите на Република Македонија на политички и економски план кои всушност се преклопуваат со овие регионални приоритети”, изјави премиерот Груевски.

На форумот присуствуваа премиерите на поголем број на држави од Централна и Југоисточна Европа со кои што премиерот Груевски оствари и кратки средби.

„Имав можност да остварам комуникација и разговор со поголем број на премиери, тргнувајќи од австрискиот премиер, домаќинот на настанот Вернер Фајман, а се запознав и разговарав и со премиерот на Италија Ренци, како и со новиот премиер на Словенија Церар со кого што договаравме и одржување на билатерална средба во идниот период. Остварив средби и со хрватскиот премиер Милановиќ, со црногорскиот премиер Ѓукановиќ, со босанскиот премиер Беванда, како и разговарав со поголем број на други колеги кои што беа присутни на настанот. Ова беше одлична прилика да се разменат мислења, да се зајакнат меѓучовечките односи на ниво на премиери, да се споделат информации околу заедничките цели и интеграцијата во Европската Унија, како и економскиот просперитет, раст и развој на регионот. Се на се беше одлична можност за добри контакти, но и одлична можност за промоција на приоритетите на претседавањето на Република Македонија со Централно-европската иницијатива”, истакна премиерот Груевски.

Централно-европската иницијатива е една од позначајните регионални мултилатерални инцијативи која што е формирана пред 25 години и која што обединува поголем број на држави од регионот на Средна и Југоисточна Европа кои соработуваат на различни теми од взаемен интерес и на политички и на економски план.

Централно европската иницијатива започнува со работа во 1989 година. Денеска иницијативата има 18 земји членки: Австрија, Албанија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Италија, Унгарија, Македонија, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Србија, Украина и Црна Гора.

Стратешка цел и основа на сите активности на ЦЕИ е „регионалната соработка за европска интеграција“. Фактот дека ЦЕИ ја чинат две групации земји членки: оние кои се во ЕУ и оние кои не се, значително придонесува за забрзување на процесот на интеграција на оние земји кои не се во ЕУ и посебно на оние кои се стремат кон целта да станат полноправни членки на ЕУ. Преку развојот на квалитетна и функционална проектна соработка се поттикнува нивното забрзано прилагодување кон европските стандарди и се создаваат претпоставки за нивна полна европска интеграција.

Седиштето на Секретаријатот на ЦЕИ се наоѓа во Трст. Генералниот секретар на ЦЕИ е амбасадорот Џовани Караколо ди Вјетри, кој беше избран на таа функција во јануари 2013 та година. ЦЕИ функционира по системот на ротирачко едногодишно претседавање.

ЦЕИ за разлика од поголемиот број други иницијативи располага со сопствени фондови за финансирање, односно кофинансирање на проектите за соработка. Покрај редовните годишни придонеси на земјите членки, активностите на ЦЕИ се финансираат од посебен Фонд на ЦЕИ при ЕБРД кој што го финансира Италија во висина од околу 2 милиони евра годишно како и од другите донации на Италија и Австрија и повремено помалите донации на некои земји членки на ЦЕИ (за Know-how Exchange програмите).

Заедно со значителната соработка и финансиската поддршка на Европската комисија и ЕБРД вкупниот финансиски ефект низ реализацијата на проекти е неспоредливо поголем. Во рамките на ЦЕИ се одржуваат редовни годишни конференции на премиерите, министрите за надворешни работи, потоа состаноци на министрите и експертите за економија, како и во другите области на соработката, работни и младински форуми, додека состаноците на националните координатори се одржуваат повеќе пати годишно, а другите собири по потреба. Парламентарната соработка се одвива во рамки на парламентарното собрание на ЦЕИ.

Во однос на структурата и функционирањето ЦЕИ на флексибилен начин промовира меѓувладина, меѓупарламентарна и бизнис соработка.

Во насока на зајакнување на процесот на европските интеграции на целиот регион еден од основните приоритети на ЦЕИ е и соработката со ЕУ за создавање услови за потпишување на посебен договор ЦЕИ – Европска комисија. Активностите на ЦЕИ се првенствено насочени на реализација на конкретни проекти за соработка во регионот. Тие се спроведуваат врз основа на Акционен план за одреден период и тоа во следните области: економски развој (клима, животна средина и енергетика, развој на мали и средни претпријатија, туризам, мултимодален транспорт, одржлив развој на земјоделството), развој на човечките ресурси (човечки ресурси, информатичко општество и медиуми, меѓукултурна соработка и малцинства, образование, наука и технологија) и меѓународна прекугранична соработка. Во изборот на што е можно поквалитетни проекти пресудно значење има работата на т.н. фокални точки (експерти на земјите членки).

Акциониот план на ЦЕИ за периодот од 2014 до 2016 та година е во согласност со повеќегодишниот план на ЕУ за финансиско работење MMF 2014 – 2020, кој ќе се имплементира заедно со Европската 2020 стратегија. Земјите членки на ЦЕИ ја споделуваат визијата назначена во ЕУ 2020, чиишто три приоритети и релевантни наслови претставуваат јасна референца и за земјите кои не се членки на ЕУ.

Инаку Република Македонија по втор пат ќе го превземе претседателството со овој Форум. За прв пат Македонија беше на чело на ЦЕИ во 2002 та година.