Македонија на Меѓународен саем за храна во Прагa

Македонски компании кои се занимаваат со преработувачка индустрија на прехранбени производи учествуваат на 18. Меѓународен саем за гастрономија „Вино и деликатеси“ во Прага, пренесува МИА.
На тридневната манифестација, која се одржува од 22 до 24 април и која со над 200 учесници е најголемата изложба на вино, други алкохолни пијалоци и разни закуски, од Македонија со свои производи беа претставени „Агрокомоерц 92“, „Аграр КО“, „Бест фуд ТИ“, „Ди ем ГП“, „Ларс“, „Хина продуктс“, ,„Тргопродукт“ и „Вори“ со производи кои ги почитуваат сите безбедносни стандарди за извоз во земјите на ЕУ.

Сашо Ристески, извршен директор на Македонската асоцијација на преработувачи на овошје и зеленчук (МАП), кој имаше презентација пред неколку десетици потенцијални инвеститори, оцени дека оваа индустрија е посебно извозно ориентирана и тоа над 80 проценти од годишното производство е наменето за странски пазари.

– Обидувајќи се постојано да ги промовираме нашите производи на постоечки и потенцијални странски пазари, чешкиот пазар ни е од поодамна таргетиран и од пред неколку години кога преку студиска посета ги запознавме можностите за извоз и функционирањето на пазарот, рече Ристески додавајќи дека денешната презентација пред бизнис партнерите ќе помогне во промовирање на прехранбените производи кои се национално обележје на Македонија.
За чешките посетители, покрај традиционалниот ајвар кој веќе им е познат на Чесите посебно внимание предизвикаа лутите пиперчиња полнети со туна и сирење како деликатесен производ.
– Добрите производи, кои се прифатливи за конзументите, немаат проблем да се претстават на било кој пазар и за нас секој потенцијален пазар е важен, рече Петар Лазаров, претставник на македонскиот бренд Мамас.
– Ние преку нашите програми, т.н пиперка програма, слатка програма и најновата за готови јадења сакаме да ја претставиме нашата македонска кујна насекаде во светот, рече Лазаров претставувајќи го тавче-гравчето во тегла, кое само неколку минути се подгрева.

При дегустацијата и тестирањето меѓу конкурентните производи претставени на Саемот, со бренд на висококвалитетен прехранбен производ ,,Топ деликатес” беа наградени Мамас ајварот и малиџаното на компанијата „Тргопродукт“ од Струмица и ајварот и џемот од смокви на Дием-ГП кој во Чешка е присутен преку дистрибутерот „Нама”.

Претставувањето на Македонија на престижниот Саем е со поддршка од македонското Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Амбасадата на РМ во Чешка.