Македонија на врвот: 97% пристап на населението до водоснабдување

Работилница за еднаков пристап до вода и канализација насловена „Примена на бодовна картичка за рамноправен пристап до вода и санитација во Македонија“ денеска и утре се одржува во Велес во организација на центрите за јавно здравје од Велес, Скопје и Куманово и Инстутот за јавно здравје од Скопје во соработка со Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE) и невладината организација „Новинари за човекови права“, пренесува МИА.

Работилницата е наменета за претставниците на јавните претпријатија, министерства и други институции од скопскиот, кумановскиот и велешкиот регион.

Проф. д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје од Скопје, истакна дека на работилницата се презентираат резултатите од теренските истражување за еднаков пристап до вода и канализација во три општини односно региони Скопје, Велес и Куманово што во периодот од јули до декември 2015 година ги спроведоа стручњаци од Центрите за јавно здравје од Велес, Скопје и Куманово и на Институтотот  за јавно здравје од Скопје во соработка со претставници на ЕК на ОН за Европа.

Тој рече дека теренските истражувања во трите региони скопскиот, велешкиот и кумановскиот, покажале дека нема населено место каде граѓаните имаат проблем со водоснабдување. Посочи дека жителите во некои рурални населени места имаат одредени проблеми со квалитетот на водата за пиење.

– Македонија ја постигна целта за пристап до вода на населението и истражувањата покажаа дека Македонија има висок процент од 97 проценти со пристап на населението до водоснабдување, а гледано во светски рамки, заклучи Кочубовски.

Информира дека жителите од руралните средини во овие три региони: скопски, велешки и кумановски, единствено имаат проблем со нередовен квалитет на водата за пиење.

– Нередовната десинфекција, односно хлорирање на водата во селските и локални водоводи е главна причина за нередовен и променлив квалитет на водата за пиење во овие три региони, потенцира Кочубовски.

Воедно информира дека за разлика од урбаните средини каде нема никаков проблем и со водоснабдување и со санитација, во селските населени места жителите немаат еднаков пристап на канализациони мрежи и затоа се принуден да користат септички јами. – Но, истражувањата од 2015 година споредени со 2009 година покажуваат дека состојбите на овој план полека, но сепак се менуваат на подобро, рече Кочубовски.

Најави дека се планира овој проект да се прошири, односно истражувања на овој план да се спроведат и во останатите општини и региони во Македонија.

– Крајната цел на овие истражувања и работилници на надлежните на јавните и други институции во земјава поврзани со проблемот со водата за пиење и канализационите мрежи, е да се утврдат постоечите недостатоци и да се дадат насоки до надлежните во земјава за подобрување во областа на еднаков пристап до водоснабдување и санитација на вода, додаде Кочубовски.