вторник, 28 март 2017  |  Вести денес: 0

Македонија со највисока стапка на кредитен раст во регионот

bogov

Последни вести

Банкарскиот систем е стабилен, економијата е на здрави нозе и покрај влијанието на политичката криза. Продолжува трендот банките да даваат кредитна поддршка на компаниите и на населението. Земјава има највисока стапка на кредитен раст во регионот, и една од највисоките во Европа, вели гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов, во интервју за ТВ Нова.

-Кредитирањето на претпријатијата, лани беше со стапка од 6 – 7 %, оваа година првите месеци сме тука некаде, послабо е тоа кредитирање од она на населението кое што оди со стапка од 12%. Но, морам да напоменам дека Македонија има највисока стапка на кредитен раст во регионот, а мислам дека и една од највисоките во Европа. Вкупната стапка на кредитен раст е 9- 10 %, во последните две години и тоа е солиден раст. Ние не може да очекуваме дека ќе се врати она време пред 2008 година кога кредитниот раст беше 30%, тие години засекогаш отидоа. Ние треба да бидеме задоволни со стапка на кредитен раст од 10- 15% , и тоа е нормална стапка на кредитен раст, која што нема да создаде меури кои ќе создадат криза, објаснува гувернерот Богов.

Народната банка во изминатите години, презема мерки, вели гувернерот Богов. Овозможи ослободување на банките од задолжителна резерва за извозници и за фирмите кои што произведуваат енергија- стимули кои што им се овозможени на банките за да кредитираат сектори кои се значајни за економијата. Банките имаат доволно средства, но треба тие средства да се пласираат во квалитетни проекти.

Во 2016-та банките планираат да го продолжат трендот на кредитирање на корпоративниот сектор од минатата 2015-та година. Имено, банкарите според анкетата на НБРМ за првиот квартал од годинава очекуваат „задржување на динамиката на нето- олеснување на кредитните услови и натамошно нето- зголемување на побарувачката на корпоративните кредити“. Олеснетите услови му одат во прилог на стопанството, кое веќе подолг период бара кредити со поповолни услови, односно со подолг рок на отплата на земените средства.

Стабилниот курс на денарот ѝ служи на македонската економија

Малите економии не можат да си дозволат да манипулираат со курсевите, валутните војни се за големите економии. Стабилниот курс е нешто најдобро за мала економија, смета гувернерот Богов.

-Стабилниот курс на денарот во однос на еврото, добро ѝ служи на македонската економија. Тоа е состојба која ја имаме 19 години, имаме начини да го одржиме тоа, тоа добро функционира и дава добри резултати. Земете ги примерите на малите економии и балтичките економии, земете ја ирската економија. Тие по никоја цена не би се откажале од оној чадор на еврото. И во најголемата криза на еврозоната, балтичките земји побрзаа да станат членки на Еврозоната. Стабилниот курс е нешто што е најдобро за мала економија, мала економија не може да манипулира со курсот. Структурните реформи се оние кои што се важни и само со структурни реформи, може да се подобрува конкурентноста на економијата, објаснува Богов.

Економскиот раст стабилен, политичката криза си го зеде данокот

Според гувернерот на НБРМ, економскиот раст останува стабилен, умерен, некаде 3,5 – 4 %, инфлацијата е ниска, оваа година до 1% максимум. Имаме сѐ подобра надворешно трговската размена, се намалува дефицитот во платниот биланс, а тоа овозможува еден добар и стабилен амбиент за спроведување на монетарната политика.

Гувернерот Богов вели- влијанието на политичката ситуација врз економијата е големо.

Минатата година политичката криза си го зема својот данок. Очекувавме економски раст од над 4%, а завршивме со 3,7% . Оваа година очекувањата дека тој тренд на раст ќе продолжи, но ќе видиме, сега ги правиме проекциите, и оваа година ќе имаме одреден данок од таа политичка нестабилност, објаснува првиот човек на Централната банка.

Најчитани вести