Македонија со највисоки пензии во регионот, пензионерите задоволни од новото зголемување

penzioneri

Повеќе од 300.000 пензионери во декември ќе добијат зголемување на пензијата од околу 670 денари или во просек зголемување од 5 проценти.

Пензионерите задоволни од новото зголемување, велат, во последните десетина години значително е подобрен квалитетот на нивните животи, благодарение на многубројните мерки кои Владата ги реализираше за луѓето од трето доба од животот.

За пензионерите, посебно за оние со пониски пензии ова зголемување е од огромно значење, тоа е еден проект кој значително придонесува за подобрување на квалитетот на нас пензионерите. Со пензиите пензионерите во Македонија обезбедуваат егзистенција на околу 900.000 луѓе, a тоа не е мала работа, бидејќи секој пензионер има внуци и во тој поглед добро е што државата води сметка за стандардот на пензионерите, вели во изјава за Нет Прес, претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Република Македонија, Драги Аргировски.

Пензионерите, како што посочува Аргировски, за разлика од порано, денес можат слободно да кажат дека се задоволни од плеадата мерки и проекти кои се наменети за нив, како што се бесплатен железнички превоз, бесплатен автобуски превоз, бесплатна бањско климатска рекреација, зголемени пензии. Како едни од најважните мерки кои државата ги реализира за пензионерите Аргировски ги посочува намалените цени на лекови и бесплатно болничко лекување за пензионерите кои земаат пензија под просечната, што според него, претставува огромна придобивка за оваа категорија граѓани.

Пример преку мерката за бесплатен автобуски превоз, со едно качување во градски автобус, пензионерот ја враќа својата членарина, автобускиот превоз во Скопје е 30 денари. Вакви примери има и други, мерката за бесплатен туристички викенд досега ја искористиле над 37.000 пензионери. Најважно за пензионерите е државата овозможи сите пензионери, кои земат пензија под 12.600 денари, да можат да добијат бесплатно болничко лекување, најголемите трошоци кои ги имаат пензионерите се токму за болничко лекување и купувањето на лекови. Ние ќе настојуваме тој лимит од 12.600 денари  да се зголеми на 15.000 денари, вели Аргировски за Нет Прес.

Пензионерите, дополнува тој, имаат значително поквалитетен живот денес, за разлика од пред 10 години. Најниската пензија која изнесувала 4.630 денари, сега како што вели Аргировски, е зголемена скоро двојно и изнесува 8.400 денари.

Просечната пензија во Македонија, со новото покачување ќе биде над 200 евра, што, како што посочува Аргировски,е највисока пензија во споредба со пензиите кои ги добиваат пензионерите во соседните држави.

Споредено со нашите земји од соседството просечната пензија во Македонија е најголема, Србија има 190 евра просечна пензија, Албанија околу 150 евра, Бугарија околу 140 евра, Косово нешто над 130 евра. Освен тоа Македонија има најниски животни трошоци во споредба со овие земји, што докажува дека ваквите мерки навистина придонесуваат пензионерите во земјава да имаат квалитетен живот, вели Аргировски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, најавувајќи го, како што рече, ветеното зголемување на пензиите, истакна дека просечната пензија е зголемена за 70 отсто,  а минималната за 90 отсто.

Досега со зголемувањата на пензиите просечната пензија е зголемена за 70, а минималната за 90 отсто. Сега на сето ова ќе има ново, 5 процентно зголемување. Вкупно околу 300.000 пензионери ќе добијат по 670 денари плус. И покрај сите проблеми со кои што се соочи Владата, сепак со многуте мерки кои се превземаа се ублажија последиците од политичката криза која имаше удар врз економијата и се овозможи да сепак дојде до зголемување на пензиите онака како што претходно беше планирано, изјави Груевски пред неколку дена по промоцијата на книги од едицијата „Македонски искушенија“.

Новото зголемување на пензиите од 670 денари месечно, на годишно нивно, како што потенцираше Груевски, претставува зголемување од околу 8.000 денари.