Македонија напредува според индексот на човековиот развој

Македонија секоја година напредува според индексот на човековиот развој, пишува во Глобалниот извештај за човековиот развој за 2014. Земјата е рангирана како 84 од 187 земји и спаѓа во категорија на земји со висок човеков развој.

Граѓаните во Македонија можат да очекуваат дека ќе живеат 6,6 години подолго отколку во 1980 и дека ќе поминат 2,7 години повеќе во школо отколку што тоа би бил случај во 1990-те. Исто така, БНД (Бруто национален доход) по глава на жител, е зголемен за скоро 17% од 1990.

Во регионот, според Индексот за човековиот развој за 2014, Словенија е на 25 место, Грција на 29, Хрватска на 47, Црна Гора на 51, Србија на 77, Босна и Херцеговина на 86 и Албанија на 95.

Глобалниот извештај за човековиот развој за 2014 предупредува дека 2.2 милијарди луѓе се сиромашни или се на работ на сиромаштија. Извештајот повикува на универзално обезбедување на основни социјални услуги и поодлучни политики за социјална заштита и вработување за сите за да се поттикне и задржи остварениот развој

И покрај тоа што на глобално ниво човековиот развој бележи раст, сепак тој е значително успорен, се вели во најновиот Извештај за човековиот развој 2014 на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Со наслов Одржување на човековиот напредок: намалување на ранливоста и зголемување на отпорноста, Извештајот смета дека ранливоста е причината за успорувањето на растот и повикува на воведување на политики кои што ќе ја зајакнат ‘отпорноста’.

Според УНДП, 1,5 милијарда луѓе во светот се сиромашни, и скоро 800 милиони луѓе се соочуваат со ризикот повторно да се вратат во кругот на сиромашни, доколку се случат неповолни трендови како што се финансиски кризи, флуктуации во цената на храна, климатски промени, природни катастрофи и насилни конфликти. Ваквата закана од кризи, се вели во извештајот, треба да ги обедини светските лидери да дефинираат нови развојни цели по 2015 година.

Една компонента од овој поголем потфат за градење на отпорноста е универзалното обезбедување на основни социјални услуги. Извештајот ги доведува во прашање досегашните конвенционални теории и тврди дека сите земји – не само најбогатите- можат да си дозволат сеопфатна социјална заштита. Како пример, Извештајот ги наведува случаите на Северна Кореја и Коста Рика, покрај Данска, Норвешка и Шведска.

И покрај тоа што поголемиот дел од светското население нема пристап до пензиско и социјално осигурување, се проценува дека обезбедување на ваков тип на основни социјални услуги за сите сиромашни лица во светот би чинело помалку од 2% од глобалниот БДП.

Втора компонента на предложената агенда за градење на отпорноста е владите да се обврзат на вработување за сите. Ова беше цел на макроекономските политики од 1950-те и 1960-те кои беа истиснати со други приоритети на макро-економските политики по нафтените шокови во 1970-те.

Исто така, Извештајот вели дека вработување за сите може да стане реалност дури и за најсиромашните земји во развој, и покрај тоа што за ваква успешна транзиција ќе биде потребно време и инвестиција во образование и инфраструктура.

“Доколку ранливостите се адресираат соодветно, секој човек би имал можност да даде свој придонес и да ги почувствува ефектите од прогресот, а човековиот развој би станал многу поеднакво или порамномерно распределен а воедно и одржлив” изјави Администраторот на Програмата за развој на Обединетите нации, Хелен Кларк.

Трите клучни закани за ранливоста во помалку развиените земји од Европа и Централна Азија се природните катастрофи (особено земјотресите), влијанието на климатските промени (сушите во Централна Азија, Кавказот и поплавите во речните и морските сливови), и социјалната исклученост која што прави одредени групи – како на пример руралното население и етничките малцинства како што се Ромите – да бидат поранливи од другите.

Извештајот ги рангира и сите земји според Индексот на човековиот развој – индекс кој што комбинира мерки на доход, здравје, и образвование. Земјите лидери во 2014 во светот се Норвешка, Австралија, Швајцарија, Холандија и САД. Земјите кои што забележаа најнизок степен на човеков развој се Сиера Леоне, Чад, Централната Афричка Република и Конго.