Македонија напредуваше шест места на листата на ФИФА

Македонската фудбалска репрезентација забележа скок од шест позиции на најновото листата на Меѓународната фудбалска федерација ( ФИФА). „Црвено-жолтите“ сега се наоѓаат на 74.место во светот, зад селекциите на Бугарија и на Азербејџан.

Што се однесува до репрезентациите од нашата група за ЕП 2016, најдоброрангирана е репрезентацијата на Шпанија, на осмото место, со пад од дури седум позиции. Украина се наоѓа на 22.позиција со пад од шест места, Словачка е на 46.позиција, со скок од три места, додека Белорусија се најде на 81.место, со напредок за една позиција. Најслаборангирана селекција во нашата квалификациска група е Луксембург, кој скокна осум позиции и сега е на 108.место.

Новиот светски првак, репрезентацијата на Германија е водечка на листата на ФИФА, пред селекцијата што ја победи во финалето на СП, Аргентина, а на третата позиција се искачи Холандија, со скок од дури 12 места. Во првата „десетка“ се уште Колумбија, Белгија, Уругвај, Шпанија, Швајцарија и Франција.