Македонија

Македонија не е на “топ 3” листата на азиланти во ЕУ

Македонија не е на “топ 3” листата на азиланти во ЕУ

Република Македонија не е на “топ 3 земјите со најголем извоз на азиланти во ниту една од земјите-членки на Европската унија и на Шенген-зоната во 2014 година, објави денеска Европската канцеларија за статистика (Евростат), јавува дописникот на МИА од Брисел.

Во текот на минатата година, бројот на баратели на азил регистрирани во ЕУ се зголемил за 191.000 лица (44 проценти) во однос на 2013 година и лани нивниот број достигнал 626.000 лица, но иако азиланти од Србија, Босна и Херцеговина и Косово во некои земји се доминантни баратели на азил, македонските граѓани не се на првите три места на баратели азил во ниту една од 28-те земји-членки на Унијата. Конкретно, бројот на бегалци од Сирија се зголемил за 72.000 лица, односно од 50.000 во 2013 година на речиси 123.000 лица во 2014 година.

Според Евростат, еден од три баратели на азил во ЕУ аплицирале во Германија. Во 2014 година, најголем број кандидати е регистриран во Германија, односно, лани имало 202.700 кандидати за азил или 32 проценти од вкупниот број азиланти. По Германија следува Шведска со 81.200 барања или 13 отсто од вкупниот број баратели на азил во ЕУ, Италија со 64.600 азиланти (или 10 отсто од вкупниот број), Франција (62.800 лица или 10 проценти) и Унгарија (42.800 лица или седум отсто).

Она што треба да се напомене е дека во овие пет земји-членки се регистрирани различни трендови минатата година. Бројот на баратели на азил во 2014 година е повеќе од удвоен во споредба со 2013 година во Италија (плус 143 отсто) и Унгарија (плус 126%) и значително е зголемен во Германија (60%) и Шведска (50%), а е намален за пет проценти во Франција.

Споредено со населението од секоја земја-членка, највисоки стапки на пријавени баратели на азил се забележани во Шведска (8,4 апликанти на илјада жители), следуваа Унгарија (4,3 баратели на илјада жители), Австрија (3,3), Малта (3.2), Данска (2.6) и Германија (2,5). Спротивно на ова, најниски стапки на барања за азил се забележани во Португалија, Словачка и Романија. Генерално, пак, минатата година имало 1,2 апликанти за азил на илјада жители во Европската унија.

Граѓани од Сирија се најбројни во азилантските барања во ЕУ, и според Евростат, нивниот број бил 122.800 баратели на азил или 20 отсто од вкупниот број кандидати во Унијата за 2014 година. Од 122.800 Сиријци кои аплицирале за азил во ЕУ минатата година, околу 60 проценти се регистрирани во само две земји-членки: Германија (41.100 Сиријци) и Шведска (30.800 лица од Сирија). Сиријците се најбројни баратели на азил за минатата година и во Белгија, Бугарија, Данска, Шпанија, Кипар, Холандија, Австрија, Романија и Словенија.

По жителите на Сирија, следат Авганистанците (41.300 баратели на азил, или седум отсто од вкупниот број кандидати). Притоа, најголем број од граѓаните на Авганистан, се обратиле за добивање азил во Германија (9.700 лица) и во Унгарија (8.800 лица). По жителите на Авганистан, следуваат граѓаните на Косово, чија бројка на баратели азил минатата година била 37.900 кандидати (или шест отсто од вкупниот број баратели во ЕУ). Со тоа, оваа новоформирана држава на Балканот заврши во групата на “топ 3 земји кои испорачале најголем број азиланти во Унијата. Притоа, најголем дел од косовците, односно повеќе од половината, аплицирале за азил во Унгарија (21.500 лица).

Граѓаните на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово се на првите три места во однос на баратели за азил во Луксембург. Од вкупно 1.150 баратели на азил во оваа земја, околу 500 се од овие три земји од Балканот. Србите се најбројни азиланти во Лихтенштајн (11 проценти од вкупно 65 баратели за азил), но жителите на нашиот северен сосед се на второ место со дури 27.145 апликации за азил во Германија. На оваа листа, на првото место во бројот на азиланти во една земја е и Албанија, чии жители поднеле најмногу (11 отсто) од вкупно 170-те барања за азил во Исланд, а Албанците се трети по бројот на барања за азил и во Ирска (седум отсто од вкупниот број) и Лихтенштајн (11 проценти).

Во некои земји-членки на ЕУ, најмалку половина од апликантите доаѓаат од една земја, па така во 2014 година во Кипар, дури 57 отсто од кандидатите доаѓаат од Сирија, 56 проценти од азилантите во Бугарија исто така се од Сирија, 50 отсто од азилантите во Унгарија се од Косово, додека исто толку од барањата за азил во Полска се поднесени од страна на граѓани на Русија.

Во 2014 година во ЕУ, 45 отсто од првостепените одлуки во однос на барањата за азил биле позитивни. Па, така, од 360.000 одлуки што се носени првостепено во 27 земји-членки на ЕУ, за кои Евростат има достапни податоци, за дури 163.000 лица е доделен статус на бегалец, со што се стекнале со супсидијарна заштита или овластување да останат во земјата каде побарале азил од хуманитарни причини). Притоа, 66.300 првостепените одлуки со доделен азил или 41 проценти од вкупниот број позитивни одлуки), биле за бегалците од Сирија.

Додека процентот на позитивни одлуки значително варира меѓу земјите-членки, Евростат напоменува дека треба да се има на ум дека земјата на потекло на апликантите, исто така, се разликува во голема мера меѓу земјите-членки и дека првостепените решенија донесени во 2014 година може да се однесуваат на апликации регистрирани во претходните години.

Според правилата на воведениот систем заштитна клаузула на Европската комисија што овозможува автоматско воведување визи за граѓаните на некои од земјите што уживаат безвизен режим со ЕУ и Шенген-зоната, доколку нивните граѓани константно продолжуваат да бидат во првите три азило-баратели во земјите од Унијата и Шенген-системот, тогаш е можно и според еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос, на овие земји повторно да им се воведат визи за влез во ЕУ и Шенген-зоната.

Според овие податоци на Евростат, Македонија е безбедна и нејзините граѓани не се под опасност од укинување на безвизниот режим при патување во ЕУ и во земјите-члени на Шенген-зоната.