Македонија не поднела барање до Венецијанската комисија за оцена на Законот за јазици

На интернет страницата на Венецијанската комисија при Советот на Европа може да се забележи дека никаде не е забележано оти е пристигнато барањето на Република Македонија за оцена на уставноста на Законот за употреба на јазиците, како што тврдеше Владата и премиерот Зоран Заев.

Доколку се отиде на опцијата за да преглед на документите кои треба да се разгледаат и таму го нема овој закон кој неодаман во македонското Собрание беше изгласан без прифаќање на ниеден амандман и без присуство на опозицијата.

Единствено што може да се забележи е дека ќе се оценува Нацрт-законот за превенција и заштита против дискриминација предложен од Министерството за труд и социјална политика и толку.

Други закони кои се за оценување, а се пристигнати од Македонија нема.

Иако преставниците на Владата на СДСМ и Зоран Заев веќе со месеци ја убедуваат македонската јавност дека законот е испратен на оценување во Венецијанската Комисија сепак доказите го потврдуваат спротивното.

Кон ваквите тврдења се приклучи и професорката Гордана Силјановска која во гостувањето на ТВ Нова потврди дека ваквиот закон сѐ уште не е пристигнат на оценување во Венецијанската комисија.

Дополнително досега не е забележано да се испрати било каков закон до Венецијанската комисја откако ќе се изгласа. Практиката обично покажува дека тоа најпрво се прави пред да се донесе законот за евентувално забелешките кои ќе ги констатира Венецијанската комисија да се вградат во предлог законот. .

Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, во интервјуто од саботата за Радио Слободна Европа изјави дека смета оти има простор за подобрување на текстот на Законот за употреба на јазиците, бидејќи, како што вели, се работи за многу комплициран текст. Сепак, не верува дека тој може да биде причина за нови меѓуетнички тензии во општествотo.

„Има простор за подобрување на содржината на Законот за употреба на јазиците и не сум единствениот кој смета дека се работи за комплициран текст кој не е лесно да се разбере“, вели францускиот амбасадор“, Кристијан Тимоние во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Од друга страна, она што ме интересира повеќе за овој текст е дали се разговараше за амандманите, дали правната рамка одговара на уставната, дали, на пример, целта на текстот, но и финансиските последици беа претставени пред јавноста? Сето тоа за нас се интересни прашања кои треба да покажат дали македонскиот систем функционира како нормален систем. За мене ова е своевиден тест. Од друга страна, да бидам целосно искрен, ќе ви кажам дека постои простор за подобрување во самиот текст и тоа е возможно, затоа што станува за разговори, ова е процес којшто се уште не е завршен и не би сакал да се изјаснувам“, изјави амбасадорот Тимоние.

Францускиот амбасадор не верува дека спроведувањето на законот би можело да биде причина за меѓуетнички раздор и оти, како што вели, по реакциите од албанската заедница и другите заедници забележал дека и покрај критиките, волјата да се живее заедно и да се напредува кон ЕУ се многу понапред од овој закон.