Македонија немоќна да стори нешто повеќе против „црвената фурија“

Македонската фудбалска репрезентација со пораз ги стартуваше настапите во новиот квалицификациски циклус за настап на Европското првенство. Нашата селекција беше убедливо поразена од Шпанија со високи 5:1.

Резултатот на дуелот во Валенсија го отвори Серхио Рамос со гол во 15. минута откако успешно го реализираше досудениот пенал по фаулот кој Даниел Мојсов го направи врз Давид Силва.

Две минути подоцна Пако Алкасер се запиша меѓу стрелците по додавање на Хуанфран и го постигна вториот гол за Шпанците.

Во 28. минута Агим Ибраими го совлада Касиљас, сигурно реализирајќи го пеналот досуден откако Хуанфран го собори Трајковски во шеснаесетникот, при што намали на на 2:1.

Меѓутоа тука нашите застанаа, па “црвената фурија” знаеше како тоа да го искористи. До крајот на првото полувреме Серхио Бускетс го постигна третиот гол за Шпанија, при што домаќините на паузата заминаа со предност од два гола (3:1).
Во 50.минута во листата на стрелците се запиша и Давид Силва и донесе високо водство на „фуријата“ од 4:1.

Конечните 5:1 Шпанците ги постигнаа повторно во судиското надополнување, а голот во 91. минута го реализираше Педро.

Наш капитен голманот Томе Пачовски успеа да одбрани неколку изградени шанси на Шпанците, со што и гол разликата ќе беше поголема.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.