Македонија

Иванов се сретна со генерал-мајор Стивен Креј Македонија очекува интензивирање на поддршката од САД за членство во НАТО

Македонија очекува интензивирање на поддршката од САД за членство во НАТО

Македонија ги исполнува сите услови и критериуми за членство во НАТО алијансата а со учеството во мировните мисии де факто се однесува како членка на НАТО, истакна во четвртокот Претседателот, Ѓорге Иванов на средабта со генерал-мајорот Стивен Креј, командант на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт, кој престојува во посета на Република Македонија.

На средбата биле разменети мислења за долгогодишната плодна соработка меѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт преку заедничкото учество во мировни мисии, реализацијата на заеднички вежби, обука и едукација на припадниците на двете армии, изавестија од Кабинетот на шефот на македонската држава.

Претседателот Иванов го поздравил стратешкото партнерство на АРМ со Националната гарда на Вермонт изразувајќи уверување дека успешната соработка со оваа сојузна држава во делот на одбраната претставува можност за проширување на соработката и во други области од заемен интерес.

Македонскиот претседател истакнал дека Република Македонија ги исполнува сите услови и критериуми за членство во НАТО алијансата, а со учеството во мировните мисии де факто се однесува како членка на северно–атлантската организација, и во тој контекст изрази очекување за натамошна интензивна американска поддршка, со цел Република Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО.

Генерал-мајор Креј одал признание за севкупниот ангажман на македонските војници во меѓународните мировни мисии, и додаде дека САД како и досега ќе продолжи да биде поддржувач на стратешката определба на Република Македонија за целосна интеграција во евроатлантските структури.

Во 2012 година претседателот Иванов ја одликуваше Националната гарда на Вермонт со Орден за воени заслуги.