Македонија очекувано ја совлада Швајцарија

Кошаркарската репрезентација на Македонија во неделата потешко од очекувањата дојде до втората победа во првата фаза од претквалификациите за ЕП 2021, откако во салата „Јане Сандански“ ја совлада селекцијата на Швајцарија со 83:68.

Македонските кошаркари победата ја осигураа во третата четвртина, во која заиграа поцврсто во одбрана и прецизно во нападот, што ја донесе двоцифрената предност во овој дел од играта (28:15), што беше доволно да се скрши отпорот на скромните со знаење, но борбени Швајцарцијци. На крајот дојде до израз разликата во класа помеѓу двата тима, што, пак резултира дури и со убедлив триумф на нашата национална селекција.

Особено во првото полувреме Швајцарија изненади со добра игра, а македонските кошаркари играа во грч. Гостите изненадувачки поведоа со 11:8, по што следуваше серија 15:1 за Македонија со која дојде до предност од девет поени (21:12). Но следуваше пад на домашните што Швајцарците го искористија за серија 16:2 и враќање на водството.

Сапак, македонските репрезентативци не дозволија до полувремето гостите да го задржат водството, па на одмор се замина со предност од цел кош (38:32). Во вториот дел работите дојдоа на свое место, а конечниот резултат сепак ја одразува разликата во квалитетот меѓу двете селекции.

Ричард Хендрикс повторно беше најпрецизен кај Македонија со 16 поени, 9 скокови, 3 асистанции и 3 блокади, а го следеа Стојан Ѓуроски и Бобан Стајиќ со по 11 кошови. Додека браќата Стојановски искомбинираа 19 поени и 15 скокови.

Следните натпреари во претквалификациите Македонија ги игра во февруари следната година кога гостува Словачка, а потоа во јуни следи пат во Швајцарија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.