Македонија оди на Европско!

Сениорската репрезентација на Македонија успешно ја помина и последната пречка во квалификациите за Евробаскетот 2015.

Со победа над Белорусија во Скопје од 72-66 избраниците на селекторот Александар Џикиќ осигураа четврто учество по ред на собирот на најдобрите репрезентации на стариот континент.

Со нова одлична тимска игра и стил кој стана веќе препознатлив за нашиот национален тим во овие квалификации, Македонија одржуваше контрола врз резултатот во текот на целата средба против Белорусија.

Во првата четвртина со поените на Бојан Трајковски, Македонија поведе со 17-8, а во вториот период по реализацијата на Марко Симоновски и со први двоцифрени 28-17.

Белорусија со чести обиди за реализација од далечина успеваше на моменти само резултатски да се приближи, но нашите кошаркари во ниту еден момент не ја загубија контролата врз играта.

На полувреме се замина со 40-34 за Македонија, за во третата четвртина, со брилијантна одбрана и агилен напад со брзи реализации, нашите кошаркари да стигнат и до 20 поени разлика (54-34).

Сепак, следуваше период на неколку минути без реализација во нашата репрезентација, Белорусија го искористи да се доближи, но не и посериозно да се закани на победата на Македонија.

Четвртата четвртина засебно ја добија гостинските кошаркари (23-15), но Македонија успешно ја одржа високата разлика која порано ја создаде и заслужено славеше со конечни 72-66.

Дури десетмина кошаркари од нашата репрезентација се запишаа во листата на стрелци, а минутажа од селекторот Џикиќ добија сите 12 играчи во составот. Ричард Хендрикс со дабл-дабл од 12 поени и 10 скокови беше најефикасен во нашиот тим, додека Дамјан Стојановски со 13 поени беше најдобар стрелец. Двоцифрен беше и Војдан Стојановски со 11 постигнати поени. Кај Белорусија, најистакнати беа Ситник со 18 и Лиутич со 16 поени.

Учеството на ЕП следната година ќе биде веќе четврто по ред и вкупно петто во историјата (досега Македонија играше на Европските првенства во Франција 1999, Полска 2009, Литванија 2011 и Словенија 2013).