Македонија оди на светско првенство

Македонија оди на светско првенство. И покрај огромниот притисок по поразот во Злин со 22:28, македонската ракометна репрезентација успеа да се избори за пласман на Светското првенство во Франција следната година.

Иако притисокот беше голем, сепак избраниците на Лино Червар успеаја да ја обезбедат потребната разлика од седум голови и да обезбедат пласман. Натпреварот заврши со резултат 34: 27. Потребната разлика беше обезбедена уште на крајот на првото полувреме кога нашите репрезентативци обезбедија разлика од 8 голови.

Во второто полувреме во еден миг имаа максимална разлика од 11 голови. До крајот резултатот постојано се нишаше на осум и девет гола. Најдраматичен беше крајот од натпреварот, кога на минута ипол пред истекувањето на времето Чесите намалија и на седум разлика.

Дејан Манасков блескаше со 11 гола, осум постигна Кире Лазаров (шест во вториот дел), а Филип Миркуловски се прости со шест од шест.

Се на се, ова беше фантастичен натпревар, со кој ветераните Наумче Мојсоски и Филип Миркуловски и официјално се простија од националниот дрес.

Светското првенство во Франција ќе се одржи од 11 до 29 јануари и ќе биде петто за Македонија, а вкупно деветти настап на големите собири и шести во континуитет од 2012 наваму.