Македонија одличен домаќин, Суперкупот помина во идеална атмосфера

Македонија и Скопје целосно ја оправдаа довербата на Европската кужа на фудбалот (УЕФА) организирајќи го на одличен начин европскиот Супекуп, кој вечерва на Националната Арена „Филип Втори“ го освои Реал од Мадрид. Македонија и градот Скопје достојно се промовираа и афирмираа пред светската јавност.

Без никакви инциденти, со одлична организација и прекрасна атмосфера Македонија покажа дека може да организира еден ваков настан од светски калибар. Очите на целокупната европска, но и светска фудбалска јавност вечерва беа вперени во македонскиот главен град, кој достоинствено одговори на предизвикот и се покажа во перфектно светло.

Над 300 телевизиски куќи од околу 200 земји вршеа пренос на вечерашниот спектакл. Според проценките, преносот го следеа меѓу половина и една милијарда гледачи, со што е втор најгледан настан по летната Олимпијада во Рио.

Атмосферата беше идеална како на стадионот, така и надвор од него. Без ниту еден регистриран инцидент денешниот ден во Скопје беше празник на фудбалот. Градот гостопримливо ги прими илјадниците фанови на Реал мадрид и Манчестер Јунајтед, кои пак воодушевени од Скопје возвратија на ист начин, без никакви инциденти.

Македонија досега не била организатор на еден ваков настан, но успешно го положи тестот и покажа дека и во иднина е способна повторно да и биде дадена ваква организаторска улога.

Македонија доби бесплатна туристичка промоција од многуте новинарски куќи кои дојдоа да го проследат мечот. Скопје е првиот град во регионот кој доби организација на вакво престижно фудбалско натпреварување, и истото го спроведе на идеален начин.

Македонија вечерва достојно се промовираше и афирмираше пред светската јавност.