Македонија првпат дел од официјалната главна програма на Кански филмски фестивал

Преку „Сестри и Брат Митевски Продукција“, Македонија учествува во најновиот филм на генијалниот Кристи Пуиу, Сиера Невада, а оваа соработка и го носи на Македонија првото учество во главната програма на Канскиот Филмски Фестивал.

Како продуцент, морам да посочам дека ова е еден од моите најголеми успеси. Но, пред се, ова е голем ден за македонската кинематографија. Нема автор или продуцент, актер, филмски професионалец, кој не посакува да биде во Кан, во која било програма. На жалост, Кан многу малку знае за нашата кинематографија, и со овој успех, со оваа копродукција сметам дека пополека ќе започне да ни се отвара и Канската врата. Соработката со продуцентите на филмот започна пред 2 години токму на канскиот фестивал. Можеби некако ќе ни се фати мајата, рече Лабина Митевска.

На самиот почеток дозволете ми да го изразам моето задоволство и пред се да и честитам на Лабина и продуцентската куќа Сестри и брат Митевски за овој исклучително значаен успех за македонската кинематографија и Македонија кои за првпат се дел од главната програма во Кан. Секогаш искрено се радувам кога имаме повод да го празнуваме филмот и филмската уметност. Уште повеќе се радувам кога за ваквиот повод свој удел има и Агенцијата за филм. Денешниот ден е вистински празник за филмот и токму затоа одлучивме оваа вест за селекцијата на филмот Сиерра Невада во официјалната програма на канскиот филмски фестивал да ја споделиме заеднички. Истовремено сакаме да покажеме дека заложбите на Агенцијата за филм од една страна и продуцентите, режисерите, филмските автори и работници од друга страна се повеќе се движат во насока на партнерска соработка. Секако дека ќе продолжиме така и во иднина во интерес на создавање на квалитетни филмски дела кои ќе бидат достоен репрезент за македонската кинематографија, вели Мими Ѓоргоска Илиевска.

Во оваа меѓународна копродукција учествуваат пет држави, Романија, Франција, Македонија, Босна и Херцеговина и Хрватска, а истовремено не изостана и поддршката од Еуримаж. Да, се сеќавам на одбраната на проектот пред Бордот на Еуримаж и во овој момент уште повеќе се радувам што денес имам причина да бидам двојно задоволна, како директор на Агенцијата за филм којашто го поддржа овој проект и како национален преставник на Еуримаж каде само ја потврдивме довербата во проектот.

Кристи Пуиу е несомнено еден од најголемите европски и светски автори. Тој е во вистинска смисла на зборот автор и новото тричасовно ремек дело, како што многумина веќе го нарекуваат, го докажува тоа.

Кристи Пуиу својата неверојатно успешна филмска кариера ја започнува во 2001, кога со својот прв филм Stuff and Dough, премиерата ја има на престижниот Кански Филмски Фестивал во селекцијата Directors fortnight, за да во 2004 на Берлинскиот филмски фестивал ја освои Златната мечка за својот краток филм Кафе и Цигари.

Во 2005 го прави своето ремек дело Смртта на Господинот Лазареску, кој не само што ја освојува целата филмска критика во Кан, туку ги освојува и главните награди за потоа да патува на 120 филмски фестивали низ целиот свет, да освои 40 награди, а филмот беше дистрибуиран насекаде низ светот.

Во 2010 се враќа на Кан со филмското дело Аурора, и повторно забележува огромен успех.

Сиера Невада е неговиот четврт филм на Кан, но за првпат во главната натпреварувачка селекција.

Сиера Невада е копродукција помеѓу Романија, Франција, Македонија, Босна и Херцеговина и Хрватска, а поддржан е и од Еуримаж. Францускиот ко-продуцент е една од највлијателните продуцентски куќи Wild Bunch. Ова филмско остварување е поддржано како малцински проект од страна на Агенцијата за Филм на Република Македонија со 5.000.000 денари.

Целиот буџет на филмот е 1.300.000 евра. Романската кинематографија во последната деценија бележи неверојатен подем. Годинешното канско издание има два филма во официјална натпреварувачка конкуренција и еден во престижната Извесен Поглед – Un Certain Regard. Да се надеваме дека воспоставените мостови од кои многу може да профитираме ќе ги зацврснеме и надоградиме.

Од првата средба со овој автор му се восхитував на неговите дела. Да соработувам со автор од тој калибар, се разбира, од секогаш сум посакувала. Но до таму не се стигнува така лесно. Првиот директен контакт дојде преку Producers on the move на European Film Promotion на Канскиот фестивал во 2013, и и благодарам на нашата Агенција за филм за препораката за учество. Следно, дојде препораката од легендарниот директор на Сараевскиот Филмски Фестивал Мирсад Пуриватра кој веќе беше дел од копродукцискиот тим. Следно, особено важна улога имаше и репутацијата, која во филмскиот свет, со години и макотрпно се гради. Во последните години успесите со филмовите на Теона и анимациите на Вук во Европа на нашата компанија и донесе едно навистина убаво реноме. Веќе седум осум години наназад бевме преплавувани со барања да бидеме дел од копродукциски филмови. Но, бевме многу претпазливи и сметавме дека кога ќе одлучиме да бидеме дел од некоја копродукција тоа да биде со вистински автор на кого му се восхитуваме. Веднаш по фестивалот, ми понудија да бидам дел од овој проект. Не само што бев воодушевена, туку и свесна за привилегијата која ми се нуди. И така започна ова успешно и прекрасно патешесвие, со кое сега сите можеме да бидеме горди. Да се соработува и да се учи од вакви професионалци е голема среќа, вели Лабина Митевска.

Од македонска страна учествуваа  извонредни професионалци, Иво Бару како како втор асистент на режија, Мојца Горгоранц-Петрушевска како автор на шминка, Анастас Георгиев во секцијата на звук заедно со Александар Ѓорѓевич, Горјан Атанасов, како и помала техничка екипа.

Сиера Невада, зборува за еден фамилијарен собир. Преку инволвираноста во оваа фамилија на многу директен начин се отвараат многу интересни аспекти и теми од животот во Романија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.