Спорт

Македонија оствари победа над Белгија

Македонија оствари победа над Белгија

Македонската кошаркарска репрезентација синоќа ја победи фаворизираната Белгија на стартот од квалификацискиот циклус за Европското првенство 2015.Избраниците на селекторот Александар Џикиќ славеа по продолжение со 76:73 (16:19; 7:17; 22:13; 17:13; 14:11).

Овој триумф кој може да биде решавачки за пласман на нашите кошаркари на уште едно ЕП е остварен со пресврт во второто полувреме, по високата предност на Белгијците по првите 20 минути која изнесуваше 13 поени (36:23).

Во третиот период со серија од 12:2 македонските кошаркари фатија резултатски приклучок, а на четири минути пред крајот го имаа и првото водство (58:56). Основните 40 минути завршија 62:62, а клучните поени во дополнителните пет минути за голема радост на 4.000 присутни во СЦ „Борис Трајковски“ ги постигна Марко Симоновски на три секунди пред крајот на продолжението.

Најзаслужни за победата на Македонија беа Војдан Стојановски и Бојан Трајковски со по 16 поени, Александар Костовски со 14 поени 7 скокови и 4 асистенции и Риџард Хендрикс со 8 поени и 11 скокови.

Најефикасен во гостинскиот состав беше Аксел Хервел со 17 поени.

На првиот натпревар од Д-групата Белорусија убедливо ја совлада Данска со 97:72.

Македонија следните три средби ќе ги гостува, а првиот предизвик ја очекува в среда против Данска.