Македонија по четврти пат меѓу најуспешните земји во борбата против трговијата со луѓе

Република Македонија по четврти пат доби позитивни оценки од американскиот Стејт департмент, кој во извештајот за борба против трговијата со луѓе ја рангира во групата ТИЕР 1, односно земји што сериозно и успешно се справуваат со овој вид криминал.

Ова го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната прес конференција, на која беше презентиран годишниот извештај на Националниот известувач за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција во Република Македонија.

Таа истакна дека од вкупно 188 земји, Република Македонија се најде меѓу најдобрите земји кои успешно се справуваат во борбата против трговија со луѓе, заедно со уште 30 земји од светот.

„Република Македонија константно повеќе години наназад ја потврдува високата позиција на која се наоѓа, истовремено демонстрирајќи институционална подготвеност и стручност, благодарение на постојаното залагање и благодарение на постојаните новини кои ги имплементираме во нашиот во нашиот сиситем, се со цел да бидеме поуспешни на овој план,“ посочи министерката Јанкулоска.

Таа нагласи дека Владата на Република Македонија во изминатиот период направи значајни напори во зајакнување на мерките во борбата против трговија со луѓе.

Вкупно 15 лица – сите жени минатата година биле жртви на трговија со луѓе во Република Македонија.