Македонија подобра од 24 земји членки на ЕУ за водење на бизнис

Согласно „Дуинг бизнис 2016“, Македонија е подобра од 24 земји од ЕУ за водење на бизнис. „Дуинг бизнис 2016“ кој воедно е најреномиран меѓународен извештај кој ги мери условите за водење на бизнис, земјава ја рангираше на 12-тото место во конкуренција на 189 држави.

Во Европа, каде економиите се најразвиени и каде земјите посветуваат особено внимание за подобрување на бизнис климата, Македонија е на 6-тото место за водење бизнис.

mmakedonija-12-to-mesto-Duing biznis

Според премиерот Никола Груевски, посветеноста кон работата, чесниот и искрен пристап, превземените реформи и чекори доведоа до нов значаен успех и одлична вест за Македонија.

Од европските земји пред нас се само скандинавските земји (Данска  3, Шведска 8, Норвешка 9 и Финска 10) и Велика Британија (6), што потврдува дека Македонија не само што е лидер помеѓу земјите од регионот на Југоисточна Европа, туку е и меѓу лидерите во Европа и светот. Македонија на листата „Дуинг бизнис“ годинава се најде пред многу етаблирани економии и развиени земји како Германија (15), Австралија (13), Канада (14), Австрија (21), Франција (27), Холандија (28), Јапонија (34) и други. Македонија е рангирана пред 24 земји членки на ЕУ. Македонија е далеку пред останатите земји од регионот, како Словенија која е на 29 место, Романија која е 37, Бугарија 38, Хрватска 40, Црна Гора 46, Турција 55, Србија 59, Грција 60, Косово 66, Босна и Херцеговина 79 и Албанија 97. Иако овој резултат можеби за многумина е изненадување, ние како Влада веруваме во реформите кои ги спроведуваме во Македонија, кај кои ги применуваме  светски најдобрите практики, кои ги анализираме и прилагодуваме на наши услови. Високиот ранг е само резултат на сработеното, рече премиерот.

Груевски посочи дека „Дуинг бизнис“ го изработува најголемата и најреномираната глобална институција која работи на унапредување и развој на приватниот сектор ширум светот – Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) која е независна членка во рамки на групацијата на Светска банка.

Меѓународната финансиска корпорација директно соработува и ангажира голем број домашни фирми и консултанти кои согласно унифицирана методологија ги мерат состојбите на терен, што само ја потврдува веродостојноста и релевантноста на извештајот.

Како што нагласи премиерот, факт е дека наодите од овој извештај се користат како инпут во извештаи кои се подготвуваат и од други меѓународни институции и претставува добра алатка која ги поттикнува земјите да спроведуваат реформи за создавање на подобри услови за работа на приватниот сектор.

Македонија подолг период е високо рангирана според овој извештај, но оваа година за првпат  е на 12-тото место – што е нотирано и во извештајот.