Македонија покажа солидарност за време на поплавите на Балканот

“Република Македонија го препознава значењето од соработката помеѓу државите заради превенција од нови ризици, како и намалување на постојните. Како и многу пати до сега, ние ја искажавме својата солидарност при неодамннешните поплави во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Бугарија кои предизвикаа загуба на човечки животи и големи материјални штети, преку обезбедување на несебична и навремена пријателска помош“. Ова меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето денешно обраќање на европскиот министерски состанок за намалување на ризици од катастрофи којшто во организација на италијанското претседателство со ЕУ денес се одржува во Милано, а во врска со меѓународниот документ – “Рамка за намалување на ризици од катастрофи по 2015 година“.

На средбата со своите европски колеги тематски насловена како “Градење на систем за отпор кој катастрофи на нациите и заедниците“, министерката Јанкулоска потенцираше дека во рамките на Владата на Република Македонија формиран е Центарот за управување со кризи кој ги координира националните активности кои произлегуваат од обврските од Рамката за акција од Хјого (2005-2015). Истовремено, наведениот Центар е определен за Национална контакт точка за соработка со Меѓународната стратегија за намалување на ризици од катастрофи (ISDR). Така воспоставениот систем за управување со кризи, според Јанкулоска, ги координира силите и ресурсите на државата, се со цел навремена помош на населението при кризни состојби, почнувајќи од превентивното дејствување, преку раното предупредување, па до справувањето со кризи.

Покрај ова министерката Јанкулоска говорејќи за Националната платформа за намалување на ризиците од катастрофи, посочи дека во таа насока не помалку е важен и процесот на одржлив развој.

“Поради тоа и препораките на ООН конкретно се однесуваат на доближување на овие два кампуса преку заедничко планирање, размена на информации и знаења и заедничко дејствување. Во оваа насока Република Македонија во 2010 година донесе Национална стратегија за одржлив развој која вклучува три взаемно зависни и испреплетени димензии: економска димензија, димензија на животната средина и социјална димензија. Воедно, како земја членка на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, Република Македонија е целосно вклучена и во политиките на Европската Унија за намалување на ризиците од катастрофи“ нагласи меѓу другото министерката Јанкулоска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.