Македонија потпиша договор за либерализација на превозот со Романија

Македонско- романската мешовита комисија за меѓународен превоз на патници и стока во патниот сообраќај потпиша протокол со кој е договорено за 2014 година да се размени дополнителен контингент од 350 билатерално транзитни транспортни дозволи за превоз на стока и 50 дозволи за и од трети земји. Исто така, договорено е од 17 јуни 2014 година да се укине патната такса за дозволите за и од трети земји за македонските транспортери која досега изнесувасе и до 700 евра по тура.

На состанокот кој беше одржан на 11 и 12 јуни во Букурешт, Романија, беше договорена и прелиминарната квота на дозволи за превоз на стока за 2015 година, која изнесува: 3.850 билатерални транзитни дозволи за сите категории за возила, 1.000 билатерално- транзитни дозволи за возила со минимум еуро 3 стандард и 500 дозволи за и од трети земји без наплата на патна такса.

Договорената квота на дозволи за и од трети земји без такса за 2015 година е за 40 отсто поголема од досегашната.

Почнувајки од денот на потпишување на протоколот, договорено е да стапи на сила либерализација на билатералниот и транзитниот превоз за превозници кои вршат превоз на стока за сопствени потреби и за овие превозници превозот ке се врши без режим на дозволи. Со договорената квота е предвидено да се задоволат потребите на македонските превозници за превоз на стока кон Романија

Министерството за транспорт и врски континуирано одржува состаноци на мешовитите комисии за превоз во меѓународниот патен сообраќај за дополнување на квотите на транспортни дозволи и либерализирање на превозот со земјите со кои остваруваме економска размена со цел овозможување на непречен транспорт за македонските транспортери.

Преку овие активности веќе e овозможено целосно либерализирање на превозот повеќе земји со кои Република Македонија остварува економска размена, како и дополнување на контингентите за земјите со кои се разменуваат транспортни дозволи.