Македонија прави се за достоинствен компромис

Македонија прави се да се дојде до достоинствен компромис, кој како таков ќе биде
доживеан од двете страни, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров по средбата со неговиот полски колега,  Јацек Чапутовиќ.

– Не е се во наши раце. Се обидуваме да најдеме решение што ќе ги покрие грижите на двете
страни во смисла на дистинкција меѓу државата Македонија и регионот Македонија во Грција,
но дистинкција што ќе биде достоинствена и нема да навлезе во идентитетските прашања на
двете страни. Две европски држави во 21 век кои споделуваат географски регион Македонија
треба и мора да најдат начин како да споделуваат и такви културни наследства, дури и тогаш
кога под поимот подразбираат различни работи или ставаат различен акцент- рече Димитров.

Според Димитров, ситуацијата со преговорите со Грција се менува секојдневно и од тоа зависи оптимизмот за евентуално решение.

Неговиот полски колега Чапутович се надева дека разговорите меѓу Македонија и Грција, ќе
завршат успешно.

– Забележуваме големи гестови од македонска страна, на пример како промената на името на
аеродромот, како и подготвеност за дискутирање за прашањето поврзано со името на
земјата. Од друга страна забележуваме и очекување на македонската страна да се обрне
внимание на одредени прашања поврзани со идентитетот. Ќе видиме како ќе се одвиваат
овие разговори, но, сакам да кажам дека одредени очекувања на македонската страна се
поврзани со зачувување на државниот идентитет, а тоа е многу важно и треба да биде
земено предвид -рече Чапутович.

Шефот на македонската дипломатијата не прецизираше кога ќе дојде во Македонија неговиот грчки колега Никос Коѕијас со грчката нацрт спогодба за решавање на спорот.