Македонија презентирана пред најголемите тур оператори во Јапонија

Пред повеќе од педесетина тур оператори од Јапонија беше презентиран туристичкиот потенцијал со кој располага Македонија, видовите туризам и можностите за инвестирање во овој сектор.

Презентацијата ја организираа Македонската амбасада во Токио во соработка со Јапонската асоцијација на тур оператори и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Двочасовната презентација на јапонски јазик ја одржа првиот резидентен амбасадор на Македонија во Токио, Андријана Цветковиќ, која говорејќи за туристичкиот потенцијал на Македонија ги повика јапонските тур оператори да ги искористат бенефициите и субвенциите шти им ги нуди македонската Влада на странските тур оператори и агенции.

– Република Македонија е нова и атрактивна дестинација за Јапонците. Субвенциите што Владата ги нуди за тур операторите беа прифатени од страна на јапонските агенции со голем ентузијазам. Голем дел од нив ја контактираа Амбасадата со намера да се информираат што повеќе за нашата труристичка понуда, а воедно и подготвуваат тури во Македонија. Амбасадата посветено работи на промоција на Република Македонија во Јапонија, при што се надеваме на значително зголемување на бројот на јапонски туристи за следната година, изјави амбасадорката Цветковиќ, пренесува МИА.

По предлог и номинација од страна на македонската Амбасада во Токио оваа година во конкуренција на 169 земји беше избран Охрид меѓу 30-те најубави места во Европа од страна на јапонските тур оператори.

Охрид ќе биде промовиран од страна на ЏАТА и на годинашниот туристички саем ЈАТА Tourism EXPO, кој е еден од најголемите саеми за туризам во светот. Саемот ќе трае од 24 до 27 септември и се очекува да биде посетен од над 150.000 посетители и над 40.000 тур оператори и туристички агенции. Со свој промотивен штанд ќе се претстави и Македонија со присуство на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

По презентацијата за туризамот јапонските тур оператори имаа можност да ги пробаат и македонските вина од повеќе винарии.