Македонија привлечна за автомобилската индустрија

сектор

„Она што го постигнавте во сферата на производство на различни делови од автомобилската индустрија е исклучително впечатливо и таа приказна ќе се наградува во идните години“ – оценува членот на УО и потпретседател на КПМГ, Дејвид Сиер.

Влезот на компаниите од автомобилскиот сектор во Македонија овозможи трансфер на современи технологии, промени во делот на вештините на вработените кои се испраќаат на обуки и едукација во странство, промени во начинот на соработка меѓу приватниот сектор и академската заедница, повеќе работа и нови можности за домашните компании, зголемен извоз и нови работни места. Компаниите од автомобилскиот сектор веќе се соочуваат со недостиг од кадар.

„Во автомобилскиот сектор во Македонија веќе имаат инвестирано 20 компании, што е повисока стапка во однос на соседните држави. 80% од компаниите во слободните економски зони работат во автомобилската индустрија и вработуваат над 13.000 лица во државава и во овој сектор допрва треба да дојдат новите работи“ – вели првиот човек на Советот на странски инвеститори, Штефан Питер.

Мизо: во преговори сме со нови инвеститори

Првиот човек на Дирекцијата за технолошко – индустриски развојни зони, Виктор Мизо, вели дека се во преговори со неколку компании од автомобилскиот сектор за инвестиции во Македонија. Дел од овие фирми веќе знаат за поволностите за инвестирање во нашата држава, дел и го скенирале теренот, други компании кои размислуваат за проширување на своето производство побарале дополнителни информации и параметри.

„Реномираните германски и американски гиганти кои веќе инвестираа во Македонија ни помагаат најмногу за да се отвори вратата за други компании, за тие да видат дека земјава може да биде дестинација во која тие би го прошириле производството на европскиот пазар“ – вели Мизо.

„Леар“ в четврток почнува со работа!

Американската корпорација „Леар“ в четврток и официјално почнува со работа во зоната во Тетово. Се работи за еден од водечките светски добавувачи на автомобилски седишта кои се вградуваат во финалните производи на познатите автомобилски брендови.

Менаџментот на компанија при потпишувањето на договорот најави инвестиција од 15 милиони евра, со проектиран годишен извоз до 190 милиони евра и до 2 илјади вработени кога фабиката ќе работи во полн капацитет.

„Во новата фабрика во Тетово очекуваме од 1.500 до 2.000 вработени, со можности за натамошна експанзија кога тоа ќе го овозможат условите“ – изјави потпретседателот на „Леар“, Рафаел Гаљарди.

„Леар“ е голема инвестиција за Полошкиот регион, бидејќи оваа корпорација е една од 500 најголеми на листата на „Форчн“, со повеќе од 130 илјади вработени и над 30 фабрики низ светот.

„Да се привлече една инвестиција е процес што вообичаено трае неколку години и е слично на еден маратон, но кога континуирано се привлекуваат вакви инвестиции, тоа е веќе учество на ултра маратон. Работевме интензивно на овој проект, надминавме бројни препреки и голема конкуренција која ја имавме во регионот“ – вели министерот за привлекување странски инвестиции, Веле Самак.

Автомобилски гиганти во Македонија

Во Македонија влегоа гиганти од автомобилскиот сектор. „Џонсон Контролс“ прави навлаки за автомобилски седишта во Штип, а гради фабрика и во Струмица, со што вкупниот број на вработени само од оваа компанија ќе достигне 3 илјади луѓе.

„Кога во 2012 започнавме со работа во Штип имаше одредени скептици, но четири години подоцна нашиот успех ја потврди правилноста на нашата одлука. Успешниот развој на фабриката во Штип и успешната соработка со Владата го подготвија патот за нашиот следен чекор, а тоа е фабриката во Струмица“ – вели потпретседателот за операции во „Џонсон Контролс“, Владимир Теплик.

Во исто време, во Бунарџик со полн капацитет работи британската компанија „Џонсон Мети“. Компанијата е светски лидер за производство на катализатори за автомобилската индустрија и по само неколку години стана најголем извозник од Македонија.

Автомобилски центар стана и Кичево, откако американската КСС, глобален добавувач на сигурносни компоненти и системи отвори фабрика во слободната зона за производство на воздушни перничиња.

„Оваа компанија е прва во зоната, но и прва поголема инвестиција во градот и во регионот, која освен креирање директни работни места ќе овозможи и дополнителни вработувања преку соработката со локалните фирми“ – вели Мизо.

Во Охрид работат германските „Костал“ и „ОДВ Електрик“, кои вкупно носат околу 2 илјади работни места. Електронските и електротехничките производи на „Костал“ одат за потребите на Мерцедес, БМВ, Ауди, Порше, Форд.

„Имавме одлична поддршка од Владата и од државните институции. Единствено преку таква поддршка беше возможно за помалку од една година да почнеме со производство. Во наредните 10 години планираме да инвестираме 30 милиони евра и да креираме 800 директни места“ – вели претседателот на оваа групација, Андреас Костал.

Белгиската „Ван Хол“ во Бунарџик 2 го врати имиџот на Македонија како голем производител на автобуси.

„Сакаме домашните компании да го зголемат процентот во репроматеријали, а со тоа да се зголеми и учеството во извозот, затоа што ако овие компании се 100 проценти  извозно ориентирани, содржината во тој извоз сакаме да направиме да биде што повеќе македонска“ – вели Аврам Стојчевски, директор во „Ван Хол“ и претседател на новата Асоцијација на автомобилската индустрија.

Во Бунарџик работи и „Кемет“, американска компанија за производство на кондензатори за автомобилската индустрија, додека во Прилеп годинава се отвори фабриката на американската „Гентерм“, инвестиција од 26 милиони евра што отвора 2 илјади работни места.

„Извозот од Македонија, особено од ТИРЗ-овите ќе продолжи да се зголемува, а дополнителен бенефит е забрзаниот трансфер на знаења и примената на нови технологии“ – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Во Прилеп гради и германската „Акомпласт“, компанија за производство на пластични делови за автомобилската индустрија. Во Бунарџик, пак, гради и американската „Делфај“, инвестиција од 15 милиони евра што отвора уште 500 работни места.

Во Штип се отвори фабиката на „Техникал Текстајлс“, чиишто производи се користат и во автомобилската, авионската и во електроиндустријата.

Новите инвестиции во автомобилскиот сектор донесоа зголемен извоз и нови работни места. Извозот лани изнесуваше 380 милиони евра, за 20% повеќе во однос на претходната година. Дополнително, 500 домашни фирми активно соработуваат со странските компании од автомобилскиот сектор.

ИЗВОР: ЛИДЕР

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.