Македонија прва во регинот во воведување електронски систем во општините

Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) во изминатиот период бележи видни резултати во електронската поддршка во одредени делови на работењето на општините, истакна претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски, објави МИА.

На денешната седница на Генералното собрание, што се одржа во чест на 43. роденден на ЗЕЛС, тој посочи дека Македонија е прва во регинот за воведување електронски систем во општините, што, според него, се покажало како многу корисно.

Како пример го спомена проектот преку електронското издавање на одобренијата за градба, односно градежни дозволи, каде за сите општини независно од одалеченоста, големината, партиска или каква било припадност таа услуга се одвива преку ЗЕЛС.

– За тоа општините не плаќаат, единствен трошок е членарината која треба редовно да ја подмируваат кон ЗЕЛС. На тој начин се подига степенот и нивото на функционирањето на општините, за сите да имаат еднакво ниво на развој и пружање услуги на граѓаните, изјави Трајановски.

ЗЕЛС, како што нагласи, ќе продолжи да работи со истото темпо на креирањето такви проекти и политики.

– Во изминаитот период имаме интензивни преговори со Владата околу учеството на општините во донесувањето на законските решенија за подобрување на услугите за функционирањето на општините во Република Македонија, додаде Трајановски.

На седницата на највисокото тело на ЗЕЛС, претседателот даде отчет за активностите и постигнатите резултати во 2014 година.

Генералното собрание е највисокиот орган на ЗЕЛС. Го сочинуваат 81 делегат, односно сите градоначалници на општините и градоначалникот на Град Скопје, како посебна единица на локалната власт.