Македонија прва во регионот по здравствен туризам

Остварените приходи во Македонија од здравствениот туризам се многу солидни споредено со приходите што ги остваруваат земјите од регионот и има простор за нивно зголемување. Според податоците на Евростат, приходите од здравствениот туризам со тие од термалните бањи во Македонија минатата година изнесувале 73 милиони евра, што претставува најдобар резултат меѓу соседните земји. Тука се вклучени и лекувањата на странските граѓани во специјализираните болници, пренесува Дневник.

-Приходите во Македонија се многу подобри од тие во Србија, која од здравствен туризам остварила 52 милиона евра, од Босна и Херцеговина, која остварила 48 милиони евра, но се помали во споредба со Словенија, која по оваа основа остварила приходи од 244 милиони евра – стои во извештајот.

Во Македонија се реализира и стоматолошки туризам, кого најмногу го користат пациенти од Грција и емигрантите од САД, Австралија и Западна Европа, зашто во тие земји стоматолошките услуги се многу скапи.

Во здравствените клиники во Македонија најчести пациенти се тие од Kосово и од Албанија, кои не може да добијат соодветен третман во своите институции.