Македонија

Македонија се сака со проекти и дела

Македонија се сака со проекти и дела

Во услови кога сме под сериозен напад со цел политичка и системска дестабилизација, ние мислиме и работиме на реалните потреби на граѓаните. Ете што ние работиме додека СДСМ го забавува народот со креирани телефонски разговори добиени од странски разузнавачки служби, обидувајќи се со сите сили да не прикажат како нечовечни, како злобни, како криминалци и како некакво зло.

Ова денеска го истакна премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, при своето обраќање пред насобраната толпа во спортската сала „Борис Трајковски“.

-Ама зло… Зло што гради и што создава, зло што отвора илјадници нови работни места, зло што работи по 15 саати на ден за да помогне секому кому може. Зло што на секој млад човек кој ќе се запише на некој од првите 100 односно 200 во техничките науки универзитети во светот му ги покрива сите трошоци за студирање и престој за да учи на најпрестижните универзитети. Некое чудно зло, е ова нашето… Како не дојде едно вакво зло уште порано во деведесеттите кога се затвораа и уништуваа фабрики и кога над 200 илјади луѓе останаа без работа, кога се пљачкаа штедачите, кога цветаше шверцот во сите негови форми, кога се промени знамето и името на државата, кога цели 7 години државата работеше и без закон за јавни набавки, и наместо тоа за милионски суми се правеа набавки се бараше да се обезбедат само, замислете три понуди од кого сакаш… Имаме зло на кое можеш креирани телефонски разговори, вадени од контекст, сечени и што ли уште не, можеш да му ги пушташ истовремено на три национални телевизии во пренос од универзална сала во живо и при тоа да тврдиш дека злото не дава слобода на медиуми, а на три национални телевизии ти оди пренос на креирани снимки кои ти ги дале странски разузнавачки служби, изјави премиерот.

Груевски пред граѓаните истакна дека зад нив имаат дела, проекти, мерки, труд и макотрпна работа, додавајќи дека постојано мислат како да направат нешто повеќе и подобро за сите граѓани.

-Денес сакам да потврдам дека покрај тоа што во моментот во Македонија се изградија аеродромите, се градат железницата кон Бугарија, од вчера се гради и гасоводот од Куманово кон Штип. Се градат три автопати, едниот меѓу Демир Капија и Гевгелија, вториот од Скопје кон Штип, третиот од Охрид кон Кичево, во април ќе излезе јавен повик за концесионер за нов автопат, помеѓу Кичево и Гостивар, а со оглед на тоа дека веќе една компанија не извести дека ќе се јави на повикот под условите кои ги најавивме, тоа ќе значи и дека околу Нова година ќе почне градбата и на шестиот автопат кој паралелно ќе се гради со другите три. Од август/ септември пак, ќе започне градбата на нов експресен пат со 4 ленти меѓу Штип и Кочани и проширување во ист таков експресен пат помеѓу Градско и Прилеп, а од некаде нова година и Охрид /Пештани. Следната година ќе почне градбата на експресниот пат со 4 ленти од Ранковце до Крива Паланка и бугарска граница и процедурата за градба на 4 ленти експресен пат од Штип до Радовиш, додаде премиерот.

Груевски додаде дека така тие се борат за Македонија и дека тоа значи да се бориш за сопствената држава и сопствениот народ, како што истакна тој, со вистински дела, со реални проекти кои се одговор на реалните потреби на народот, а не со сценарија подготвени заради туѓи агенди.