Македонија се турка во НАТО за да и’ го „тријат носот“ на Москва

Соединетите американски држави се надеваат да го решат стариот конфликт меѓу Грција и Македонија, во врска со името на поранешната југорепублика. Тоа ќе ги отстрани несогласувањата на Атина за влезот на Македонија во НАТО. Зошто Вашингтон се обидува така активно да го привлече Скопје кон својата орбита, во ситуација кога политичкото значење на Македонија не е толку големо?

На 17 јануари, годинава, во Њујорк имаше средба меѓу претставниците на Грција и на Македонија (или „Поранешна југословенска република Македонија“ – како што официјално се нарекува во ООН оваа балканска држава). Имено, името на тоа јужно „сидро“ од поранешна Југославија беше и темата на преговорите на американска територија.

Историската област Македонија е позната од античко време и е поделена меѓу Грција (52,4%), Бугарија (9,6%) и Република Македонија, која излезе по распадот на Југославија во 1991 година (35,8%). Самото постоење на држава со име „Македонија“, од гледна точка на Грците, создава основа за територијални претензии и сепаратизам. „Македонскиото прашање“ виси веќе 30 години наназад. Преговорите се активира и актуелизираа тогаш, „кога САД решија, дека Македонија треба да е во НАТО“.

Такво мислење изнесе министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, на прес-конференција за дејностите на руската дипломатија во текот на 2017 година.

Одложениот елемент на шестото проширување

Напоменуваме дека во рамките на шестото проширување на Северноатлантската Алијанса во 2009 година, НАТО ги проголта Хрватска и Албанија. Лани, заврши процесот на „повлекување“ во Алијансата на Црна Гора – кое, како што е познато, не помина глатко и се спроведуваше со антируска кампања, во која Москва дури беше и обвинувана дека се обидува да направи антинатовски преврат. Сега на ред е следната балканска „држава“.

Очекуваме дека Македонија ќе стане 30-та членка на НАТО, рече во своето новогодишно обраќање македонскиот премиер Зоран Заев.

Тој, исто така, очекува дека во новава година републиката „ќе добие препорака за почеток на преговорите за влез во Европската унија“.

Македонија ги исполни сите можни критериуми за влез во Алијансата. Уште повеќе, што земјата учествува во мировните мисии на НАТО, без да е член на таа организација. Земјата одамна е на прагот за влез во НАТО, одбележува во коментар за рускиот весник „Взглад“ експертот по меѓународни односи и специјалист за Балканот, Марија Третјакова.

Да потсетиме дека за време на војната во Косово во 1998-1999 година, Македонија ја одигра улогата на позадинска база за силите на НАТО. А, присоединувањето на републиката кон Алијансата се планираше уште во 2009 година, заедно со Хрватска и со Албанија. Но, одлуката ја блокираше Грција – на основа на спорот за името. За триесет години, во кои Атина постојано прави пречки на влезот на Македонија во меѓународните структури (почнувајќи со ООН), беа предложени различни варијанти на алтернативно именување на поранешната југорепублика: на пример „Горна Македонија“, „Славо-Македонија“ (против кое се Албанците, кои се околу една четвртина од населението на земјата) или „Република Скопје“ – по името на престолнината на Македонија. Но, максимумот, на кое беа согласни Македонците, беше да го сменат знамето на кое беше „Ѕвездата од Вергина“, знак од времето на Александар Велики (нешто што исто така неможе да не ги дразни Грците).

Тоа, во кое не успеа Атина, изгледа, се препушта на Вашингтон и на Брисел.

Дипломатски извори од Грција за руската новинска агенција РИА „Новости“ информираат: САД и НАТО го притискаат Скопје со цел да го решат побрзо прашањето за влез на земјата во Северноатлантската Алијанса.

Но, зошто му е на НАТО геополитички најнезначајната балканска држава, која дури нема ни излез на море?

Вардарскиот коридор нема повеќе да е „сива зона“

Сама по себе, поранешната југословенска Македонија има стратешко значење за САД и за НАТО поради долината на реката Вардар. Тоа е историски транспортен коридор Север-Југ. Австро-Унгарија е меѓу првите заинтересирани за тој коридор уште пред 150 години, а за време и на двете светски војни, за контрола врз таа комуникациска оска се водеа активни борби, одбележува во коментар за весникот „Взглад“ научниот соработник на Институтот за славјанство и славјански традиции, Георгиј Енгелхард.

Но, според мислењето на експертот, основната цел на Алијансата е „осветлување на сивите зони“. Тој смета дека НАТО се стреми да ги отстрани целосно сите сиви зони во Европа, а особено на Балканот. Една од тие зони е Македонија.

Во НАТО сметаат дека ако територијата не биде внесена официјално во Алијансата, има шанси Русија некогаш да влезе таму. Тие сметаат дека е неопходно да ја завземат територијата и официјално, независно тоа што ја контролираат веќе 25 години, од објавувањето на независноста на Македонија. Тоа е земја со ограничен суверенитет, одбележува Енгелхард.

Целите на Русија и на Западот на Балканот се провидни и дијаметрално спротивни. Задачата на Русија е да ги сочува своите позиции на Балканот. Задачата на Западот е да ја истера Русија.

Потиснувањето се прави на многу прост начин, преку приемот во НАТО на републиките од некогашна Југославија, и на тој начин се опкружува Србија, која неможе да биде определена како лесен плен. Македонија е поосетлив материјал. Георгиј Енгелхард одбележува дека македонското население, како и сите негови политички партии, независно дали се опозициски или владејачки, силно го поддржуваат влезот на земјата во НАТО. Со тоа Македонија се разликува од Црна Гора, која лани „беше примена во НАТО преку нога и против вољата на населението“.

Експертот за Балканот, Марија Третјакова, од своја страна, смета дека моментно тонот во парламентот на земјата доаѓа од страна на Социјал-демократите (поранешните комунисти) во сојуз пресликан во коалиција со неколку албански партии. Најголемата од тие партии ја раководи Али Ахмети, теренски командант на сепаратистите од времето на албанско-македонскиот етнички конфликт. Албанците, според зборовите на Третјакова, „веќе 25 години неофицијално работат во блиски врски со грчката страна – тие и’ помагаат на Грција да се здобие со неопходните внатрешни отстапки во однос на прашањето за промена на името на земјата“. Како одговор на тоа, албанските партии, постојано се обидуваат максимално да ги прошират правата на албанското малцинство и да ја направат „Славјанска Македонија“ во двонационална албанско-македонска држава и за тоа добиваат силна поддршка од разни меѓународни и регионални играчи, посочува Третјакова.

Социјал-демократите, се бонус, оти се поранешни „црвени“ – со политичката сила, на која се обложуваат Американците.

Доказ за тоа е што премиерот „есдеесовец“ (социјал-демократ) Зоран Заев, е подготвен да се прости од најсветото – името на земјата, во замена за влез на Македонија во НАТО.

Дали Србија е на ред?

Георгиј Енгелхард смета дека влезот на Македонија во НАТО ќе биде „следно триење на носот“ на Русија и силен удар по нејзиниот авторитет на Балканот.

Експертот констатира:

Пространството за дејствување на Русија во регионот се намалува. Порано имаше сосем реална можност за градење на односи со претходната власт раководена од Никола Груевски. Но, реално тој не доби никаква помош.

Напоменуваме дека Груевски, кој се обидуваше да ја вклучи својата земја во проектот „Турски Поток“, беше цел на нападите на „македонскиот Мајдан“, беше присилен на оставка во 2016 година.

Моментно, ако Македонија биде примена во НАТО, ситуацијата на Србија ќе се усложни многу, а таа е клучен партнер на Русија во регионот, смета Енгелхард.

Понесени од своите успеси, Американците со нови сили ќе се заложат за обработка на српската елита. Целта им е едноставна. Тие не сакаат моментно присоединување на Србија кон НАТО, оти пред нив стои исправена задачата да го тргнат од таму руското економско, политичко и медиумско присуство. Да го ликвидираат тотално, како што моментно е во Бугарија, каде елитата безусловно ги следи целите на Вашингтон, додека русофилството опстојува на ниво на полузаборавен флоклор и нема никакво политичко влијание, заклучува Георгиј Енгелхард.