Македонија се удави во дождови, но опасност нема

Повеќе делови на Македонија се поплавени по поројните дождови кои траат веќе неколку недели.
Од Дирекцијата за заштита од опасност велат дека засега не постои опасност од поголеми поплави со оглед на тоа што до четврток не се предвидуваат обилни врнежи. На сите локации каде што досега беше евидентирано излевање на реките во моментов состојбата е задоволувачка и е под контрола.

Досега нема поплавено ниту станбени ниту деловни објекти, а штетата од врнежите е минимална. Дирекцијата за интервенција во вакви случаи поседува 24 пумпи за исфрлање на вода, 16 агрегати за исфрлање 2.000 литри вода во минута, 13 илјади вреќи со песок за правење насипи, а има склучено и договор со 44 фирми за употреба на нивната механизација.

Поплавите се претежно во североисточниот дел на земјава. Во западниот нивото на водата е се’ уште на ниско ниво и засега не постои опасност од излевање на реката Вардар, која неколку години наназад поплавуваше населени места во тетовско и гостиварско.

Според информации од Дирекцијата за заштита и спасување зголемување на нивото на реките е забележано во повеќе општини, каде што веќе се преземаат  превентивни мерки за заштита.
Врнежите поплавиле и оштетиле пред се голем дел од земјоделските површини.

Во кумановско се оштетени повеќе од 30 хектари земјоделска површина поради излевање на реките Кумановка и Крива Река.
Водите од Злетовска река оштетиле голем број оризови полиња. Сериозна е состојбата и во селото Стојаково во Богданци каде што е поплавена главната улица, а водата е навлезена и во дворовите на мештаните.
Зголемување на нивото на реките е забележано и Во Крива Паланка и Радовиш, а по барање на Општина Штип како превентива ќе се изгради заштитен насип на бунарите кај реката Брегалница.
Поплавите се закана и за граѓаните на Кратово. Поради поројните дождови минатата недела се активираше старо свлечиште, но во тек е негово санирање.

Влажните коловози го зголемија и бројот на сообраќајните несреќи, од кои повеќе завршија фатално за патниците. Само во Скопје во текот на изминатиов викенд се случиле над 20 сообраќајни несреќи, а вчера пет лица загинаа во тешка сообраќајка која се случила на патот Прилеп-Битола.
Поплавите беа фатални и за десетогодишното дете од Конче, кое се удави во реката Крива Лакавица. Детето заедно со својот татко ја преминувало реката, но паднало од тракторот.
Во оваа општина се зголемени сите водотеци и нивото на реката Крива Лакавица, која се влева во езерото Мантово. Езерото пак веќе има максимално акумулирано вода.

На повеќе патни правци е забранет сообраќајот за тованите возила, а постојано се препорачува и внимателно возење поради честите појави на одрони на голем број патишта ширум земјава.

Од Дирекцијата за заштита од опасност апелираат до граѓаните и земјоделците да не фрлаат отпад и да не ги затвораат каналите за да може водите да истекуваат по своите корита, а до градоначалнците на општините да ги преземат сите соодветни мерки и да ги санираат водотоците бидејќи во текот месецов се очекуваат обилни врнежи.