Македонија се вклучува во Европскиот филмски ден на млада публика

Скопје и Македонија првпат ќе бидат дел од Европскиот филмски ден на млада публика, на кој  ќе се избира најдобриот европски филм за деца. Настанот на Европската филмска академија ќе се одржи по четврти пат на 3 мај 2015 во 25 европски градови,  информира Агенцијата за филм, пренесува МИА.

Во жирито ќе бидат млади на возраст од 12 до 14 години, кои во текот на целодневниот настан ќе ги проследат  трите номинирани филмови,   ќе имаат можност да дискутираат за нив и директно да комуницираат со своите врсници од Европа преку пренос во живо.

Годинава се номинирани филмовите: You’re Ugly Too во режија на Марк Нунан (Ирска), My Skinny Sister во режија на Сана Ленкен (Шведска/Германија) и The Invisibe Boy во режија на Габриеле Салваторес (Италија).

Избрани се и презентерите од Македонија кои преку видеоклип ќе ги соопштат резултатите од гласањето во Скопје: 12-годишната Јулиа Ан Цури од Меѓународното училиште – НОВА и 14-годишниот Петар Трајчевски од ОУ „Димо Хаџи Димов“.

Активностите во Скопје ќе ги организира Агенцијата за филм на РМ,  Џифони Македонија и Џифони Експириенс, со поддршка од киното Синеплекс и спонзорите Капри и Чупа Чупс.