Македонија со „Сиера Невада“ првпат дел од главната програма во Кан

Македонија со „Сиера Невада“ првпат дел од главната програма во Кан
Македонија со „Сиера Невада“ првпат дел од главната програма во Кан

Македонија ќе биде дел од официјалната главна програма на 69. Кански филмски фестивал преку Агенцијата за филм на Република Македонија и Сестри и Брат Митевски Продукција со најновиот филм на Кристи Пуиу, „Сиера Невада“.

Оваа соработка и го носи на Македонија првото учество во главната програма на Канскиот Филмски Фестивал.

– Ова е голем ден за македонската кинематографија. Нема автор или продуцент, актер, филмски професионалец, кој не посакува да биде во Кан, во која било програма. За жал, Кан многу малку знае за нашата кинематографија, и со овој успех, со оваа копродукција сметам дека пополека ќе започне да ни се отвара и Канската врата, изјави продуцентот Лабина Митевска.

Таа информираше дека соработката со продуцентите на филмот е започната пред две години токму на Канскиот фестивал.

Директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска Илиевска оцени дека е ова значаен успех за македонската кинематографија и за Македонија која првпат ќе биде дел од главната програма во Кан.

– Секогаш искрено се радувам кога имаме повод да го празнуваме филмот и филмската уметност. Уште повеќе се радувам кога за ваквиот повод свој удел има и Агенцијата за филм, истакна таа.

Ѓоргоска Илиевска истакна дека сакаат да покажат дека заложбите на Агенцијата за филм од една страна и продуцентите, режисерите, филмските автори и работници од друга страна се повеќе се движат во насока на партнерска соработка. – Ќе продолжиме така и во иднина во интерес на создавање квалитетни филмски дела кои ќе бидат достоен репрезент за македонската кинематографија, рече директорката на Агенцијата за филм.

Во оваа меѓународна копродукција учествуваат пет држави, Романија,
Франција, Македонија, Босна и Херцеговина и Хрватска, со поддршката од Еуримаж.

Кристи Пуиу е еден од најголемите европски и светски автори. Својата филмска кариера ја започнува во 2001, кога со својот прв филм Stuff and Dough, премиерата ја има на престижниот Кански Филмски Фестивал во селекцијата Directors fortnight, за во 2004 на Берлинскиот филмски фестивал да ја освои Златната мечка за својот краток филм Кафе и Цигари. Сиера Невада е неговиот четврт филм на Кан, но за првпат во главната натпреварувачка селекција. Филмот зборува за еден семеен собир преку кој на многу директен начин се отвараат многу интересни аспекти и теми од животот во Романија.

Сиера Невада е копродукција помеѓу Романија, Франција, Македонија, Босна и Херцеговина и Хрватска, а поддржан е и од Еуримаж. Ова филмско остварување е поддржано како малцински проект од страна на Агенцијата за Филм на Република Македонија со 5.000.000 денари.
Целиот буџет на филмот е 1.300.000 евра.