Македонија слави два големи јубилеи: 111 години од Илинденското востание и 70 од Првото заседание на АСНОМ

На денешен ден во 1903 г. почна Илинденското востание на македонскиот народ против османлиската власт, што се смета за еден од најзначајните настани во нашата историја.

За време на востанието се водеа битки кај селото Смилево, Демирхисарско, на Слива и на Мечкин Камен, Крушевско, кај Карабуница, Кичевско, кај селото Арменско, Леринско, Чаништа, Мариовско, како и во месноста Рашанец – Охридско, каде се водела една од најкрвавите илинденски битки.

Одлуката за кревање востание била потврдена на Конгресот на битолскиот револуционерен округ одржан од 2-7 мај во селото Смилево. Главнот штаб на Битолскиот округ, по неколкуте одложувања, издаде наредба народот од цела Македонија на 2 август да се крене против душманите.

Копнежот на илинденците од 1903 и аманетот од претходните генерации за нов и победоносен Илинден, го заживеаја нивните следбеници 41 година подоцна, на 2 ри август кога во манастирот Св. Прохор Пчински е одржано историското Прво заседание на АСНОМ, на кое се донесени одлуки од конститутивно значење за формирање на македонската држава како федерална единица во југословенската федерација.