Македонија – Словенија во недела од 16:30 часот

Со комплетирањето на натпреварите од последното 5.коло во групите А и Б, познати се половина од осминафиналните парови на Светското ракометно првенство во Катар.

Репрезентацијата на Македонија за место меѓу осумте најдобри селекции на светот ќе се бори со селекцијата на Словенија, во мечот кој ќе се игра во недела од 16 часот и 30 минути во арената „ Ал Сад’’.

Во истиот термин (16:30 часот) во арената „Лусаил’’ ќе играат домаќинот Катар и Австрија.

Преостанатите два осминафинални натпревари ќе се играат од 19 часот.

Хрватска која го освои првото место во Б групата во која играше и Македонија, за противник во осминафиналето ќе ја има репрезентацијата на Бразил.

Светскиот шампион Шпанија улогата на фаворит ќе треба да ја потврди во дуелот против Тунис.

Преостанатите четири осминафинални парови ќе бидат познати вечерва, по одигрувањето на средбите од последното коло во Ц и Д групите, во кои остануваат само уште две слободни места.

Пласман во осминафиналето од овие две групи имаат обезбедено: Шведска, Франција, Египет (од Ц групата), Германија, Данска и Полска (од Д групата).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.