Македонија со две први места на Светски танцов шампионат во Италија

За прв пат во историјата на македонскиот балет и култура балетското студио Арт Балет, претставник од Република Македонија, оствари историски успех и освои две први места на Светскиот Танцов Шампионат кој се одржа во градот Остија, Италија.

„Имавме само месец и половина да се подготвиме за Светскиот Танцов Шампионат, вложивме многу труд, долги саати работа во сала, специјален режим на исхрана, поставување на балетски варијации и кореографии за модерен балет, организација за патување, костими за секоја кореографија одделно и финансиско покривање на целиот овој проект,“ изјави Тамара Ѓурчиновска, балетски педагог и кореограф и директор на балетското студио Арт Балет

Светскиот Танцов Шампионат се одржа на 30 јули 2014 година во градот Остија, Италија. Сите учесници се натпреваруваа во танцовите категории: Класичен балет, Модерен балет, Современ Балет, Џез балет и Хип хоп.

„Програмата на шампионатот беше составена од два дела.Во првиот дел учествуваа одбрани учесници кои во текот на годината беа селектирани на разни танцови светски натпревари од страна на организаторите: маестро Паоло Лонди и маестро Стефано Селати.Претставувањето на учесниците го оценуваше многубројна комисија составена од познати балетски педагози и кореографи. Нашите претставници Мартина Димовска и Симона Митовска во првиот круг се претставија одлично,ја освоија и публиката и жири комисијата и обезбедија пласман во финалето. Вториот дел беше финалето каде учествуваа сите финалисти кои го поминаапрвиот круг на натпреварувањето. Во финалето влегоа претставници од седум земји како Италија, Бугарија, Кипар, Перу, Грција, Мексико и Македонија. Жири комисијата во финалето на Светскиот Танцов Шампионат беше составена од исклучителни стручни лица во областа на балетот и театарот како: Марко Гарофало, експерт жири од Амичи; Александра Песатуро, поранешна прима балерина и балетски критичар; Александра Капози, прима блаерина во Театро Опера Ди Рома; Стефано Балдини, експерт жири од Танцовата федерација; Мимо Тутибанде, театарски автор; како и неколку италијански режисери и музички композитори,“ додаде Ѓурчиновска.

Балетските изведби со кои се претставија македонските претставници на Светскиот Танцов Шампионат се: Мартина Димовска во категоријата класичен балет Јуниори се претстави со варијацијата „Есмералда“ и во категоријата модерен балет играше кореографија од Тамара Ѓурчиновска „Море Сокол Пие“ на музика од Кирил Џајковски. Симона Митовска која се натпреваруваше во категорија класичен балет Сениори се претстави со варијација од балетот „Корсар“ и во категоријата модерен балет играше кореографија на Тамара Ѓурчиновска „Бротел Танго“ на музика од Кирил Џајковски.