Македонија со лекција и за Полска

Кошаркарската репрезентација на Македонија го забележа четвртиот триумф во исто толку натпревари во подготовките за Евро-квалификациите и прв на Трофеј Македонија, турнирот во Скопје. Избраниците на селекторот Александар Џикиќ беа подобри од Полска, совладувајќи ја со 73:63.

Уште од самиот старт, со дисциплинирана игра на двата краја од теренот, нашите кошаркари поведоа со 8:0, па иако Полска успеваше на моменти да се приближи, Македонија не дозволи во ниту еден момент да го загуби водството. Избраниците на Александар Џикиќ имаа проблеми со реализацијата од далечина, сепак, со борбена тимска игра успеваше да ја одржи разликата.

Највисоката предност ја имавме на средна на втората четвртина (29:12), сепак Полска имаше добар реализаторски крај на полувремето и успеа да се доближи на 37:32. Во третата четвртина Македонија креираше нова двоцифрена предност, која и покрај силните обиди на Полјаците да ја анулираат, на крајот беше доволна за победа. Во последнта минута од мечот се влезе со 66:63 за Македонија, по што следуваа поени на Војдан Стојановски и тројка на Бојан Трајковски, за Дарко Соколов со две реализирани слободни фрлања да ги постави конечните 73:63.

Бојан Трајковски со 21 поен и 8 скокови беше најпрецизен во нашиот тим, а двоцифрен број на поени постигнаа и Дамјан Стојановски, Војдан Стојановски и Дарко Соколов. Доминантна партија под кошевите играше Ричард Хендрикс кој забележа 11 скокови.

На вториот натпревар Италија ја совлада Црна Гора со 86:84.

Натпреварите на Трофеј Македонија продолжуваат денеска со дуелите Полска – Црна Гора (17.30 часот) и Македонија – Италија (20.00 часот).