Македонија со најмногу инфраструктурни проекти во регионот

Забрзана реализација на инфраструктурните проекти и забрзана изградба на Коридорот 10 како и задржување на фискалната дисциплина ќе овозможи ребалансот на буџетот за годинава кој вчера беше донесен во Собранието на Република Македонија, пренесува Лидер.

Македонија е во ек на инфраструктурен инвестициски циклус кој надминува една милијарда евра. Инфраструктурата е еден од главните услови за економски развој на државата, а токму затоа инвестицијата во новите автопати и рехабилитација на постојните патни правци е значајна, особено во моментот кога Македонија е во центарот на вниманието на странските инвеститори. Со ребалансот на буџетот, овој голем инвестициски циклус дополнително ќе се забрза.

Експертите се согласни- Македонија е лидер во регионот по реализација на проекти со кои се инвестира во патната инфраструктура, во побрз и побезбеден сообраќај. Досегашните, но и новите инфраструктурни вложувања ја менуваат сликата за патиштата во државата која за четири години треба да добие 123 километри нова автопатска мрежа.

Со ребалансот на буџетот се обезбедуваат дополнителни средства од 1,42 милијарди денари за изградба на автопатот Демир Капија- Смоквица кој треба да заврши до август 2016 година. Додавањето средства на расходната страна благо го зголемува буџетскиот дефицит, кој пак, се позиционира на 3,9 проценти.

„Најголемата промена што се прави на расходната страна, како што истакна, е обезбедување дополнителни средства од 1,42 милијарди денари за изградба на Коридорот 10, односно автопатот Демир Капија- Смоквица кој се одвива со поинтензивна динамика од предвидувањата и е планирано да заврши до август 2016 година. Додавањето средства во оваа ставка предизвикува и зголемување на буџетски дефицит кој се позиционира на 3,9 проценти“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

За остварување на Буџетот до јули реализирани се приходи од 81,429 милијарди денари. Само финансирачките активности на институциите ја зголемија приходната страна за нови 1,780 милијарда денари. Се ревидира и стапката на БДП која оди нагоре од 3,2 на 3,5 проценти.

Во овој период се реализираат проекти коишто се од стратешко значење за конкурентноста на Република Македонија, такви се изградбата на пругата кон Бугарија, изградбата на автопатите од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид, како и изградбата и реконструкцијата на железницата во делот на Коридорот 10. Во следниот период ќе се реализира и проектот за гасификација, така што станува збор за добро таргетирани, крупни инфраструктурни проекти кои ќе овозможат не само поврат на средства туку и зголемување на конкурентноста на приватниот сектор. Сето тоа укажува дека долгот на Република Македонија е поставен во функција на долгорочен економски раст што ќе помогне полесно да се враќаат обврските.

Се градат нови, се рехабилитираат стари патишта

Градежната машинерија е на терен. Се градат нови, се рехабилитираат стари патишта. Изминатиот месец започна рехабилитацијата на автопатската делница Велес- Катланово, дел од Коридорот 10, за кој се смета дека е крвотокот на македонската економија. Се работи за целосна реконструкција на 23 километри од делница која по бројот на дневно поминати возила е една од најфрекфентните во државата. Паралелно со реконструкцијата на автопатската делница се работи и на рехабилитација на 13-те мостови од Велес до Катланово.

Инвестицискиот циклус во патната инфраструктура вкупно надминува една милијарда евра од кои 790 милиони евра се само зa трите главни автопати. Освен Коридорот 10, во моментов се градат и автопатите од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид кои ќе имаат повеќекратно влијание врз македонската економија.

Позитивните ефекти веќе се чувствуваат, бидејќи за нивната изградба ангажирани се над 1.500 македонски работници. Во следните три до четири години се очекува повисок пораст на економската активност, но и поголем број вработувања во делот на ангажманот на домашни работници.

Во земјава до крајот на годината се очекува да се изградат стотици километри нови патишта. Според петгодишната програма на Јавното претпријатие за државни патишта, за изградба, рехабилитација и одржување, државата планира во периодот од 2013-та до 2017-та година да потроши 891,5 милиони евра.

За изградба и рехабилитација на патната мрежа во Македонија во наредните четири години оваа Влада ќе инвестира околу една милијарда евра.