Македонија со најмногу реализирани тројки, Хендрикс најдобар скокач

Новиот Македонец Ричард Хендрикс се докажа како достојна замена за својот сонародник Лестер Бо Мекејлеб, и беше еден од најзаслужните за пласманот на Македонија на Европското кошаркарско првенство следната година.

„Ричи“ како го нарекуваа репрезентативните колеги, заврши како најдобар скокач во квалификациите. Хендрикс на шесте средби оствари вкупно 64 скокови или 10,7 по натпревар. Тој само на натпреварот на гости против Данска не успеа да стигне до двоцифрен број на скокови (7).

Воедно тој е и најдобриот дефанзивен скокач, но и играч со најмногу „дабл-дабл„ учиноци во квалификациите.

Хендрикс дури на четири од шесте одиграни натпревари во црвено-жолтиот дрес, мечевите ги завршуваше со двоен ефект на двоцифрени постигнати поени и двоцифрен број на скокови, а квалификациите ги заврши со просек од 11,2 поени по натпревар и 10,7 скокови по натпревар.

Кога сме кај статистиката. Репрезентацијата на Македонија со 62 постигнати „тројки„ идентично како и Германија е селекција со најголем број на реализирани удари зад линијата за три поени.

Сепак црвено-жолтите не се репрезентацијата со најголем број на обиди за три поени. Пред нас единствено се Белгијците со вкупно 179 обиди зад линијата за три поени или во просек 29,8 обиди по натпревар, додека избраниците на Џикиќ имаат само три обиди помалку 176 вкупно (29,3 по натпревар).