Македонија со успешна презентација на саемот за туризам во Бугарија

Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот( АППТ) го претстави својот туристички потенцијал на саемот за туризам во Софија, Бугарија во периодот од 13-15ти Февруари.

„Оваа туристичка берза е одлична можност за сите учесници да ги претстават и рекламираат своите досегашни туристички продукти и своите нови програми, да остварат корисни бизнис контакти, рече амбасадорот Благој Ханџиски и додаде ”Одамна помина времето, кога туристите бараа класичен одмор на нашите езера, планини или мориња, кога се сметаше, дека за нивното привлекување е доволно државата да има само ретки и незаборавни природни убавини. Денес, од туристичкиот производ се бара да предложи цело- годишен културен, спа, релаксирачки, еко и хоби- туризам. Денес туризмот прерасна во една од најважните економски гранки во сите земји. Од тука, тоа што треба да се прави на владино ниво е обезбедувањето на побрз и посигурен достап до туристичките центри во двете земји. За тоа прашање разговараа и потпишаа соодветен протокол и нашите министри за транспорт, со кој тие проекти се прогласија за проекти од взаемен интерес и се договорија за динамиката на нивната изградба. Работиме заедно и на отворањето на директна авиолинија меѓу двете држави. Mинатата година се формираше Македонско-Бугарската трговска комара, која работи за подобрувањето на условите за зголемување на трговската размена.Сите тие мерки и позитивната атмосфера меѓу двете држави и покрај кризата, секојдневно придонесуваа да постигнеме зголемување на трговската размена. Според минатогодишната анкета на Трговско – индустриската комора на Бугарија, Македонија се најде на 3-то место од списокот за посакуваните дестинации за правење на бизнис и инвестиции.”

Stand 01

Македонија и Бугарија како две соседни земји имаат многу заеднички работи, една од нив е туризмот, рече директорот на АППТ, Христијан Џамбазовски.

“Според податоците на државниот завод за статистика, бројот на странски туристи е зголемен за 15%, додека бројот на Бугарски туристи кои дошле во Македонија е зголемен за неверојатни 15,5%. Овие извонредни бројки покажуваат дека соработката на Македонија и Бугарија е на доста високо ниво, за што се надеваме дека оваа тенденција на пораст ќе остане и во иднина бидејќи имаме високи очекувања од овој пазар. Бугарија во овој момент е рангирана на петто место по бројот на туристи, веднаш по Турција, Србија, Холандија”, изјави Џамбазовски.

На саемот за туризам во Бугарија, Република Македонија се претстави во нов дизајн на штандот и нови промотивни материјали.

Саемот за туризам во Бугарија е 7ми по ред на кој АППТ ја претстави Република Македонија оваа година. Во наредниот период, Македонија ќе биде присутна на саемите за туризам во уште осум држави низ светот.