петок, 28 април 2017  |  Вести денес: 42

Македонија стана атрактивна туристичка дестинација со вложувањето во заштита на културното наследство

канцевска

Последни вести

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска денеска истакна дека придобивките од вложувањето во сите проекти за заштита на културно наследство се огромни.

-Наша цел беше соодветно да ги заштитиме и презентираме наодите кои беа пронајдени при бројните археолошки истражувања низ целата држава, да го реставрираме и ревитализираме нашето недвижно културно наследство, да ја унапредиме музејската дејност и преку софистицирани технички методи и интерактивна презентација да го доближиме до секој посетител на нашите институции највредното од фундусот на  културното богатство на нашата држава, но и да го презентираме нашето културно материјално и нематеријално наследство пред светот, истакна Канческа -Милевска.

Таа посочи дека во изминатите години биле истражувани повеќе од  60 локалитети на целата територија на Република Македонија при што биле пронајдени повеќе од 500.000 артефакти од различни епохи.  Дел од нив биле изложени и презентирани во постоечките институции, а дел во поставките на новите музеи, кои во последните години се отворија во Република Македонија.

Канческа-Милевска информираше дека сите овие артефакти кои го отсликуваат нашето културно наследство биле интересни за многу домашни и странски туристи. Само во Археолошки музеј кој беше отворен пред две години биле  изложени 8.500 артефакти кои ги виделе 60.000 туристи.

Музејот на македонската борба за само 5 години од своето постоење го посетиле повеќе од   250.000 туристи. Рекордна посетеност од 700.000 посетители од целиот свет бележи и Спомен Домот на Мајка Тереза како и Спомен куќата на Тоше Проески во Крушево кој досега ја посетиле над 250.000 посетители. „Музејот на вода”  во Охрид  кој  стана возбудлива културна и туристичка  атракција досега го посетиле 300.000 домашни и странски туристи од целиот свет.

-За развојот на музејската дејност, Владата на Република Македонија и Министерството за култура вложија многу напори и средства,  да се збогатат и да се уредат по најновите светски стандарди и останатите музејски поставки во државата кои ги содржат највредните артефакти кои се карактеристични за градот или регионот во кој се наоѓаат, рече Канческа Милевска.

Се осврна на неколку крупни проекти од оваа област – проектот за обнова и реконципирање на музејските поставки, кој се реализира во 16 национални установи во земјава. Посочи дека по децениска пауза своја постојана музејска поставка доби и Музејот на современата уметност во кој се изложени непроценливи дела на домашни и странски автори од колекцијата на оваа институција. Меѓу другите ги спомна и новата музејска поставка во комплексот Етно село во Нерези, целосно обновениот објект и музејската поставка во Куќата на Татарчеви во Ресен, како и на Куќата на Андонови во штипско Ново Село.

Реплики од археолошките пронајдоци се достапни и во продажба во 20 унифицирани сувенирници отворени во градовите и на граничните премини. Во изминатите години се спроведува и проектот за обнова на музејските депоа, како и големиот, неколкугодишен проект за зачувување на автентичноста на староградска архитектура, при што досега се обновени околу 40 фасади на објекти во старите градски јадра, а до крајот на годината е планирано завршување на уште 19.

– Министерството за култура секоја година во својата програма обезбедува средства за конзервација и реставрација на вредните примероци од нашето богато културно наследство. Со соодветен конзерваторски третман беше опфатен голем фонд на недвижни споменици на културата – цркви, манастири, џамии, фрескоживописи, икони, иконостаси, тврдини чаршии и многу други движни и недвижни културни добра од различен вид и период на настанување, културно наследство низ кое се огледува историскиот и културниот идентитет на нашите простори, рече Канческа-Милевска на прес-конференцијата на која за проектите кои се во нивна надлежност информираа директорите на заводите и музеи од Охрид, Струмица, Штип, од Музеј на Македонија, Археолошкиот музеј и од Конзерваторскиот центар-Скопје.

Таа најави дека до крајот на годинава ќе бидат завршени конзервација на архитектурата и фрескоживописот во црквите „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, „Св. Ѓорѓија“ во преспанско Курбиново и „Св. Богородица“ во Велушина, целосно ќе биде заштитена црквата „Св. Илија“ во Дојран, конзерваторските активности во внатрешноста на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Струга, како и почеток за адаптација на објектот Јени-џамија во Битола во современ галериски простор.

За 2017-та во план е завршување на неколку проекти, меѓу кои целосна реконструкција на споменикот „Илинден“ во Крушево, фрескоживописот во црквата „Св. Богородица Заумска“ во Трпејца и конзерваторски зафати во уште неколку сакрални објекти, а до 2018-та е предвидена целосна реализација на проектот за изградба на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, кој се гради на 17.000 метри квадратни, обнова на опожарените конаци и реставрација во манастирот Трескавец кај Прилеп, како и проектот за реконструкција и конзервација на античкиот театар во Скупи, кој има капацитет од околу 9.000 места во гледалиштето.

Најчитани вести