Македонија е дел од рутата преку која турски државјани планират илегално да префрлат имигранти, пред се Курди, објавува црногорскиот весник „Вијести“.
Како што пишува весникот транспортот на илегалните мигранти чини од 3.500 до 4.000 по човек.
Според полицијата постојат три насоки за транзит на Курдите преку територијата на Црна Гора. Првата е со авион од Истанбул до Подгорица, потоа со возила од Црна Гора до БиХ и Хрватска, а крајна дестинација е Италија.
Втората е со авион од Истанбул до Тирана или со автобус Истанбул – Македонија – Албанија, а потоа со автомобил кон Црна Гора, преку Улцињ, во насока на Хрватска, Словенија и Италија.
И третата рута е од Албанија преку Црна Гора кон Србија, а потоа кон Австрија преку Белград или Суботица.
Во полициските документи наводно било посочено дека Македонија и Црна Гора се користат како транзит.