Расте интересот за Македонија како атрактивна туристичка дестинација

Македонија годинава се трансформира во хит туристичка дестинација, и за домашните и за странските гости. Се зголемуваат побарувачката и бројот на резервации, преку тур-операторите се најавени нови гости од странство, се полнат хотелските капацитети. Домашните летни туристички центри: Охрид, Струга, Преспа и Дојран се надеваат дека ќе ја искористат неизвесноста од ситуацијата во Грција и ќе привлечат дел од гостите кои првично планирале да летуваат во таа земја, пишува порталот „Лидер“.

dojran.jpg-500

Охрид и Струга се подготвени за сезоната

Македонскиот туристички бисер е целосно подготвен за оваа сезона. Првичните прогнози сигнализираат дека ова ќе биде рекордна година по бројот на странски гости. Надежите дополнително се подгреаја со воведувањето нови евтини авионски линии од Лондон и од Базел, но и со продолжувањето на договорот со „Корендон“ за гостите од Бенелукс, со што се гарантира закупот на легла за хотелите од ривиерата и во наредните 3 години.

-Ние како оператор што го работи пазарот во Данска бележиме зголемување на бројот на резервации. Наша задача е да ги услужиме гостите и тековно да ги елиминираме сите аномалии кои може да се јават, оценува менаџерот Олег Маленко.

Холанѓаните се веќе во градот

-За убавините на градот се информиравме преку интернет. Очекувам да имаме незаборавен престој, со добра храна и љубезни домаќини, велат странците кои летните одмори се решија да ги минат на охридско – струшката ривиера.

Охрид и годинава ќе има сериозна конкуренција во Струга. Хотелот Изгрев блеска во полн сјај. Се работи за ултрамодерно здание со највисоки стандарди.

-Годинава имаме специјална програма и многу новитети за гостите од Холандија и од Белгија, од воведување на услугата ол-инклузив во хотелите до понуда со повеќе содржини, вели Асим Меџедовиќ од Фибула.

Според првичните проценки, до крајот на октомври на охридско – струшката ривиера се очекуваат повеќе од 20 илјади туристи од Бенелукс.

Дојран го врати сјајот!

Дојран целосно ги уреди плажите и веќе е подготвен да ги прими сите туристи. Инфраструктурата е значително подобрена, инвестициите даваат резултат, се очекува годинава да се приберат плодовите од вложеното.

-Сме доаѓале и порано, но сега плажите се уредени, езерото е полно и сè е средено и чисто, вели туристка од Кавадарци.

-Јас 20 години не сум бил во Дојран, но сега градот е целосно промет во позитивна смисла. Има туристи и од странство и навистина сум пријатно изненаден, вели гостин од Скопје.

Следниот викенд во Дојран се организира „Д Фестивал“, а концертот на Ману Чао е гаранција за многу млади гости кои се и поголеми трошаџии.

Малото гратче на југот, освен од класичниот туризам, живее и до Грците кои за викендго преплавуваат местото. Гостите од северна Грција доаѓаат да наполнат гориво, пазаруваат во супермаркетите, посетуваат стоматолог, а оние го повеќе пари одат во казино, кое за разлика од гевгелиските е во домашна сопственост.

Разнолика туристичка понуда за задржување на гостите

Македонија полека учи од развиените туристички држави. Засилено се работи на промоцијата и на подобрувањето на инфраструктурата, се изработува сеопфатна туристичка понуда која треба гостите да ги задржи на подолг период. Освен езерскиот и зимскиот, забрзано се развива винскиот, културниот, спортскиот, конгресниот, еко – туризмот. Целта е што е можно повеќе региони да учествуваат во оваа гранка, а на располагање да бидат ставени сите капацитети.

-Сакаме да избегнеме концентрација или понуда од само еден регион. Тур-операторите веќе нудат аранжмани кои се поврзани со движење и со посета на повеќе региони. Ние веќе ги работиме проектите за поврзување на мрежата планинарски и велосипедски патеки, работиме на развој на параглајдинг – туризмот, ја збогатуваме понудата, а тоа носи зголемена конкурентност на македонскиот туристички производ, вели директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски.

Надлежните се претпазливи во оценките

Генерално, надлежните се оптимисти дека ќе имаме една од најуспешните сезони, но се уште чекаат да видат како ќе се одразат настаните од Куманово на месеците кои беа најкритични.

-Почетокот на годината и првиот квартал многу ветуваат, па оттука се и очекувањата дека ќе имаме успешна туристичка година. Во првиот квартал имавме највисок раст на туризмот во Европа, како што потврди и Светската туристичка организација. Во април имавме рекорден раст од над 30% во делот на странските туристи. Критични месеци беа мај и јуни, но веќе во јули и во август се очекува стабилизација со што ќе продолжи позитивниот тренд и развојот на туризмот во земјава, оценува Џамбазовски.

Но, несомнено е дека како се зголемува бројот на туристи, така расте и девизниот прилив. Учеството на оваа гранка во БДП се движи околу 2,3% и полека се движиме до зацртаната цел од 5%.

Што покажуваат бројките?

Заводот за статистика ќе ги објави новите податоци, заклучно со мај, на 13 јули. Тогаш ќе има и појасна слика дали и колку кумановските настани се одразиле на оваа гранка, која вообичаено важи за најсензитивна. Но, и со досегашните податоци може да се изведе заклучок за тоа што е потребно за поуспешна сезона. Одговорот е едноставен – враќање на домашните туристи.

Во првите четири месеци бројот на туристи е зголемен за 8,7%, но ако кај странците има раст од речиси 20%, кај домашните е регистриран пад од 7,5%, и на тоа ќе треба да се работи во претстојниот период.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.